Доктори без граници нема да примаат пари од ЕУ како протест за мигрантскиот договор со Турција

Хуманитарната организација за медицинска помош, Доктори без граници, вчера објави дека повеќе нема да прима пари од Европската унија, како протест за договорот за мигранти кој унијата го направи со Турција.

„Договорот на ЕУ е последниот во долга низа политики кои се против вредностите и принципите кои овозможуваат да се обезбеди асистенција“, изјавил генералниот секретар на организацијата, Џером Оберајт.

Додал и дека „Доктори без граници нема повеќе да бараат фондови од ЕУ и нејзините земји членки“.

Сумата која ги добиле од ЕУ во 2015 година изнесува 46 милиони евра, односно 8 проценти од тоталниот буџет на организацијата.

Оберајт вели дека Доктори без граници планира да продолжи да работи во Грција и на турско-сириската граница, но ќе бара други извори на средства за да продолжи со проектите.

Невообичаениот и радикален чекор е предмет на дебата внатре во организацијата, која е добитник на Нобеловата награда за мир, пишува Mashable.

Бидејќи не можеа да се согласат како да се справат со најголемата бегалска криза во Европа од Втората светска војна до денес, земјите-членки на ЕУ се обидоа да ја убедат Турција да спречи стотици илјади мигранти да дојдат, како и да прими назад уште неколку илјади. Речиси три милиони бегалци се засолнети во Турција, а само околу 10 проценти од нив се во кампови финансирани од владата.