Докажано: Гневот е вирална емоција, многу повеќе од радоста

Сте забележале ли дека кога некој на интернет ќе напише простачки или „хејтерски“ блог-пост, тој дента е најсподелуваната објава на вашиот Твитер или Фејсбук? Ова фрустрира, особено ако сте новинар со барем малку чувство и професионален интерес во споделување вести на социјалните мрежи. Сите „скокаат“ и коментираат за оваа вест, додека има толку многу добри приказни за споделување.

Докажано: Гневот е вирална емоција, многу повеќе од радоста

Споделувањето на „хејтот“ е значајна сила на интернет. Група истражувачи од пекиншкиот универзитет Беиханг успеаја ова да го претстават преку бројки, при што докажаа дека гневот е вирален. Тие ја проучувале кинеската социјална мрежа Weibo, која има преку 500 милиони корисници. Мрежата функционира слично како Твитер, а нејзиното главно значење е во споделувањето вести, политика и граѓанско новинарство, посебно во земја во која се уште постои притисок врз медиумите.

Тимот, предводен од Rui Fan тргнал да истражува што е тоа што ги стимулира интеракциите на социјалната мрежа. Покрај типичните демографски разлики како возраста, расата, местото на раѓање или заедничките интереси, научниците утврдиле дека постојат и други важни фактори, како осаменоста или радоста. Прашањето е: дали корисниците на Weibo се поврзуваат и според својата емотивна состојба?

Истражувачите собрале база од 70 милиони твитови од 200.000 корисници, кои имале одредена влијателност (најмалку 30 интеракции) во времето на собирањето на податоците. Потоа, овие твитови биле категоризирани во четири емоции: гнев, тага, радост и гадење. Се покажало дека гневот е убедливо највиралната емоција, затоа што твитовите категоризирани како „гневни“ имале најмногу ангажирани корисници и најмногу интеракции на Weibo, а и најбрзо се ширеле по социјалната мрежа.

Радоста и натаму е прилично вирална емоција, додека тоа многу помалку важи за тагата и гадењето, заклучиле научниците. Како што се забележува, многу од овој гнев се поврзува со политиката, што не зачудува, ако се знае дека политичките проблеми се познат предизвикувач на лутина и фрустрации.