Дојранци на референдум гласаа „против“ јавно-приватно партнерство за водовод и канализација

Во Дојран нема да се склучи договор за јавно приватно партерство во стопансувањето со услугите за водовод и канализација, одлучи мнозинството од жителите на Дојран на вчерашниот референдум, кој е втор референдум во оваа општина во последните три години.

Референдумот беше успешен со 53,34% излезност, односно од 1.420 граѓани „за“ гласале 404, „против“ биле 978, а 38 од ливчињата биле неважечки по референдумското прашање „Дали сте за или против доделување на договор за јавно приватно партнерство за услугите снабдување со вода за пиење,одведување на урбани отпадни води и третман на урбани отпадни води во општина Дојран?“.

Од ОИК Дојран соопштија дека целиот изборен процес минал достоинствено и мирно, без проблеми, забелешки и инциденти.

По референдумот, на Фејсбук се јави и градоначалникот на Дојран, Анго Ангов кој потенцираше дека јавно-приватно партнерство нема да има.

„Продолжуваме понатаму во изнаоѓање на други решенија, ова беше само еден пример како треба да функционира едно демократско општество и како се носат битни одлуки во согласност со народот“, објави Ангов.