Дојче Веле: Следењето на комуникациите во Македонија се врши без контрола!?

Прислушувањето како посебна истражна мерка ја користат службите за безбедност за поефикасна борба во откривањето и докажувањето на кривични дела, како организиран криминал, корупција, тероризам, перење пари. Но, демократските општества се соочуваат со предизвиците како да воспостават соодветна контрола на врз спроведувањето на овие посебни мерки, особено во делот на заштитата на човековите права и слободи, се вели во анализата на Дојче Веле.

Дигиталната ера и интернетот отворија нови поинакви можности за прислушување и собирање податоци, за кои во јавноста малку се знае. Тоа го покажува моменталната глобална вознемиреност поради програмата за прислушување на американската Национална агенција за безбедност. Откако поранешниот припадник на ЦИА, Едвард Сноуден, откри документи кои покажуваат дека американската влада ја загрозува приватноста на милиони луѓе, дебатите се насочени кон потребата од унапредување на законските регулативи за заштита на човековите права од прислушувањето.

Следењето на комуникациите во Македонија, законски е регулирано во 2006 година. Собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, е овластена да врши контрола на законитоста на следењето на комуникациите.

Претседателот на Комисијата, Тито Петковски, во разговор за Дојче веле вели дека Комисијата не е во можност да врши соодветна контрола, бидејќи нема пристап до документацијата од следењето на комуникациите од страна на полицијата:

„Власта не дозволува увид во никаква документација во врска со следењето на комуникациите. Комисијата нема никаква моќ. Кога јас, како претседател на Комисијата барам увид во документацијата, власта тоа го смета за обид за моја лична промоција. Случајот со Љубе Бошкоски потврди дека власта не е расположена за Комисијата да врши надзор врз следењето на комуникациите. Кога го бараме тоа од МВР, нивниот одговор е дека нема никакво следење на комуникациите кон ниеден граѓанин“, вели Тито Петковски.

Дојче Веле: Следењето на комуникациите во Македонија се врши без контрола!?На ваквото тврдење, побаравме одговор од Министерството за внатрешни работи: „Полицијата ги почитува сите институции и државни тела и до нив ги доставува сите информации што треба да ги достави“, вели портпаролот на МВР, Иво Котевски.

Случаи на повреда на човековите права при спроведувањето на мерките за следење на комуникациите досега не се пријавени ниту до Народниот правобранител и граѓанските организации.

Од Дирекцијата за заштита на лични податоци велат дека: „Дирекцијата за заштита нема добиено претставки од граѓани кои се однесуваат на следење на комуникацијата. Единствените претставки кои Дирекцијата досега ги има примено, се однесуваат на интернет комуникацијата и злоупотребите на личните податоци преку користењето на интернет сервисите“.

Во септември 2012 година беа донесени последните измени и дополнувања на Законот за следење на комуникациите. Пратениците со консензус ги изгласаа измените, истакнувајќи ја нивната важност за евроинтеграциите на земјата. Во извештајот на ЕУ за Македонија, во 2011 година, се наведува потребата од измените на законот поради директна вмешаност на Министерот за внатрешни работи при одобрување на следење на комуникациите. Така, со новите измени се овозможи предлог за прислушување до Јавниот обвинител, наместо Министерот за внатрешни работи, да дава службеник на МВР.

Избришан е и членот 2 кој претходно ги обврзуваше МВР и Министерството за одбрана да прислушуваат само со наредба на надлежен суд. Проширен е опсегот на институции кои можат да вршат следење на комуникациите, освен МВР, сега тоа можат да го вршат и Управата за финансиска полиција и Царинската управа. Веќе не постои ниту членот 8, според кој судот можеше да нареди следење на комуникациите само ако за одредено лице посојат основи за сомневање дека е сторител на кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку четири години.

Невладините организации тогаш изразија загриженост дека измените во законот ќе бидат злоупотребени од страна на власта. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права истакнаа дека измените не даваат гаранција како ќе се заштитат човековите права и дека кај нив се зголемува чувството дека законот ќе се користи како инструмент. Од Македонскиот центар за европско образование, пак, беа со став дека и со овие измени полицијата има простор за злоупотреба, бидејќи нема систем со кој ќе се контролира следењето, рекоа од организацијата.