Договорени измени во учебникот по географија со навредливи содржини, ќе се прегледуваат и други учебници

На денешната средба помеѓу вицепремиерот Артан Груби, министерката за образование и наука, Мила Царовска и пратеникот Арбер Адеми било договорено да се прегледаат и исправат сите неправилности во учебниците за основно и средно образование, започнувајќи од учебникот по географија за втора година средно образование во кои дел од содржините ја навредија албанската заедница во земјава.

Како што соопштија од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, во случајот со учебникот по географија ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебници, кој наведува дека учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ја навредува историјата, културата и вредностите на сите граѓани на Република Северна Македонија.

„Се согласивме дека во согласност со Законот за учебници за основно и средно образование, неправилностите и неправдите во сите учебници треба да бидат прегледани и исправени, почнувајќи уште веднаш од учебникот по географија за втора година на средно училиште. Во текот на наредниот период, сите учебници ќе бидат прегледани со цел да се стави крај на овие појави, соодветно на недоследностите во овие учебници“, напиша Груби на својот Фејсбук профил.

Реакцијата следува откако пред неколку денови група Албанци пред Министерството за образование и наука запалија страници од учебникот по географија за кој сметаат дека содржи навредливи и невистинити содржини за албанската етничка заедница во Северна Македонија.