Договорена соработка меѓу економските училишта од Куманово и Истанбул

Надлежните од средните економски училишта од Куманово и Истанбул, „Перо Наков“ и „Бајрампаша“ потпишаа протокол за соработка и унапредување на односите.

Договорена соработка меѓу економските училишта од Куманово и Истанбул

Протоколот, како што објасни директорот на кумановското средно училиште, Момчило Антевски опфаќа заемни посети на ученици, наставници и родители, посети на наставници за размена на искуства од областа на образованието, заемно снабдување со информации, документи и други материјали од образовната технологија, како и организација на друштвени културни и спортски активности.

– Сметаме дека нашите ученици ќе имаат можност да ги практикуваат добрите искуства што се применуваат во оваа средно училиште од општина Бајрампаша од Истанбул. Размената прво ќе опфати помала група ученици, наставници и родители, по што ќе следат возвратни посети, изјави Антевски.

Според надлежните од „Бајрампаша“, главната цел е меѓусебна соработка за постигнување солидни резултати за двете училишта.

– Двете училишта имаат слични профили, банкарски техничар, трговија и маркетинг. Најмногу внимание ќе се обрнува на наставниот кадар и на учениците од овие струки, што подразбира размена на наставни материјали и искуства, рече директорката на училиштето Хурије Каја.

Протоколот пред извесно време е потпишан во Истанбул.