Доделување на наградите од годишниот конкурс за стрип „ЛИФТ“

Доделувањето на наградите од Третиот годишен конкурс за стрип ЛИФТ за 2020 година ќе се одржи во сабота, 27 февруари во кафе книжарницата „Буква“. На настанот кој ќе започне во 13 часот, ќе биде промовирана и  книгата „ЛИФТ #3“ во која се собрани сите пристигнати дела на конкурсот.

Оваа година главната награда ја доби Евгенија Трајковска за стрипот „Назад во 2019-та“. Нејзината графичка приказна се издвои од сите други, и во нејзиниот случај жирито имаше усогласени ставови.

Второто место го делат три стрипа и тоа „Можност“ на Климентина Соколовска, „Воена песна“ на Анастасија Зафировска и „Promise“ на Иван Коминовски.

„Целта на стрип-наградата ЛИФТ е да ги промовира и афирмира овдешните стрип-автор(к)и, но и да го унапредува стрипот како (кај нас запоставен) медиум. Втора важна цел е да придонесеме за развојот на македонската културна сцена и во поширока смисла, промовирајќи нови креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи и стилови на полето на културата – со што сакаме да придонесеме за плурализацијата и шаренилото на овдешниот недоволно развиен културен простор“, велат од издавачката куќа „Темплум“.

Жирито го сочинуваа Никола Гелевски, Јана Јакимовска и Владимир Битољану.

Во книгата ќе бидат застапени и неколку автор(к)и од конкурсот меѓу кои и Теодора Крстевска, Стефана Димитриеска, Кристина Ѓорѓиовска, Кристина Таневска и Наталија Наумовска, Мирко Попов и Артур Попов – Кујача, Магдалена Јовеска, Сара Божиноска, Христијан Нашуловски, Надица Тренчева, Ева Дејановска и Евгенија Трајковска.

На настанот со големи попусти ќе се продаваат и петнаесетината досегашни изданија на едицијата графички новели „ЛИФТ“ од издавачката куќа Темплум.