Високата школа за новинарство и за односи со јавноста ги додели стипендиите и наградите за најдобрите медиумски производи од средношколскиот конкурс „Изрази се преку медиумите“.
Комисијата составена од медиумски и професионалци за комуникации ги избра најдобрите 13 видеа, фотоприказни и текстови од вкупно 140 кои пристигнаа на конкурсот изминатите два месеца.
Од пристигнатите производи, десет матуранти се наградени со стипендии за студирање на Високата школа на насоките Новинарство и Корпоративни комуникации и односи со јавноста. Стипендиите се обезбедени од етаблирани медиуми и компании, со кои матурантите ќе потпишат договор за професионален ангажман една година по дипломирањето.
Од останатите учесници на конкурсот, двајца средношколци и еден литературен-видео клуб се наградени со лаптоп, камера и фотоапарат. Неколку средни училишта и средношколци добија признанија за креативните вештини и талент во областа на медиумите и комуникациите.
Конкурсот „Изрази се преку медиумите“ се презентираше во 40-тина средни училишта во 32 градови и преку повеќе национални и локални медиуми. Темата на конкурсот беше „Можеш да придонесеш! Активирај се и помогни во заедницата.“. Учесниците требаше да прикажат примери или да дадат идеи како средношколците се вклучени и помагаат на локалната заедница преку активности во и надвор од училиштето.
Конкурсот се реализираше во соработка со Министерството за образование и наука.