Доделени наградите за професионално известување за бегалци по повод Светскиот ден на бегалците

По повод денешниот Светски ден на бегалците, Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) во Македонија, заедно со Македонското здружение на млади правници и Здружението на новинарите на Македонија ја додели Наградата за професионално известување за бегалците, барателите на азил и лицата без државјанство на годинешните победници Фиљана Кока (МРТВ), Емилија Петреска (Дојче Веле на македонски) и Мики Трајковски (Глас на Америка).

„До новинарите: преку вашата работа, вие им давате глас на оние што не се слушнати, ја осветлувате неправдата и градите мостови на емпатија. Квалитетното новинарство е повеќе од професија – тоа е јавна служба. Ја славиме и најновата класа студенти кои ја завршија програмата на Центарот за бегалско право и миграции. Овие млади правни умови – нашите идни адвокати, судии, застапници – избраа да се вклучат, да учат и да застанат во одбрана на оние што најчесто се оставени на маргините. Вашата посветеност дава надеж дека следната генерација ќе ги носи вредностите на заштита, вклученост и правда“, рече Габриел Гулијано де Годој, претставникот на УНХЦР во Македонија.

Фото: УНХЦР

УНХЦР им оддаде признание за храброста и издржливоста на бегалците насекаде во светот и им порачува да ја одржуваат надежта жива. Денеска, тие ги слават и студентите кои ја завршија програмата на Центарот за бегалско право и миграции при Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје изминатава академска година. Од Агенцијата упатија благодарност и до сите кои работат солидарно за бегалците и подобрување на нивниот живот во македонското друштво.

Наградата се доделува 11 години по ред.