Доделени наградите за најдобри општествено одговорни проекти на компаниите

Општествено одговорните проекти на ЕВН Македонија (ЕВН волонтира), Шпаркасе банка Македонија  (PET-FRIENDLY банка), Елколект Скопје (Биди супер херој), Пакомак-Скопје (Хокус покус, рециклирањето е во фокус), Адора Инженеринг (Најголемата внатрешна градина во Европа), Охридска банка АД Скопје (За чист град пазари со нашата Мастеркард), Универзитет „Американ Колеџ“ – Скопје  (Хумантирана акција на уметнички дела), Инетрворкс ДООЕЛ Битола (Чист воздух-здрави деца во Битола) и  НЛБ Банка –Скопје (Пријателство со Специјална Олимпијада Македонија) годинава се закитија со Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија 2018, во вид на статуетки во петте различни категории.

„Деловната заедница во Република Македонија станува комплетно свесна дека секоја водечка компанија треба да биде општествено-одговорна.  Прво, затоа што тоа е во интерес на претпријатијата, бидејќи  обезбедува придобивки за компаниите во управувањето со ризикот, заштедите на трошоци, пристапот до капитал, односите со клиенти, управувањето со човечки ресурси и нивната способност за иновации. Потоа, затоа што концептот на општествената одговорност е во интерес на националната економија, создавајќи поодржливи и иновативни компании, но и на економијата на ЕУ – онаму каде што сакаме да бидеме. И трето, општествената одговорност е во интерес на општеството, на заедницата во која живееме, бидејќи нуди збир на вредности врз кои можеме да изградиме покохезивно општество и да ја продолжиме транзицијата кон одржлив економски систем“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши на доделувањето на наградите, 11 година по ред.

За Национална награда за најдобри општествено одговорни практики 2018 годинава се пријавиле 38 проекти, од 25 претпријатија. Од Министерството за еконимија посочуваат дека радува фактот што бројот на мали и средни претпријатија кои аплицираат со општествено-одговорни проекти се зголемува, па дури и го надминува бројот на големи фирми.

Плакети, годинава добија проектите на ДУНА ДОО (ДУНА Тим), Оне.Вип (Mamforce стандард), Охридска банка (Култура и однесување), ГЕМАК Трејд (Skopje Cocktail Week), ТАВ Македонија (Стимулации за авиокомпании и туроператори на ТАВ Македонија), Евросуровина ПА ДООЕЛ Битола (Општество без отпад), ОКТА АД Скопје (Фиторемедијација на почва измешана со јаглеводороден талог), РАМСТОР Македонија – Скопје (Планирај глобално, делувај локално), Раде Кончар ТЕП (Како да ја згрееш симпатијата), Охридска банка АД скопје (Натпревар за најдобра бизнис идеја „ЧИСТА 10-ка“) и Оне.ВИП Скопје (Интернетот не е само игра…Кликај безбедно). Признанието за најинвентивна практика го доби проектот „ЕВН волонтира“ на ЕВН Македонија – Скопје.