Шестоодделенката Леузана Асани, од ООУ „25 Мај“ и средношколката Симона Симоновска од СУГС „Раде Јовчески Корчагин“ – Скопје ја добија наградата на градскиот конкурс за заштита на животната средина, во категоријата најубав состав на темата.
За најубав цртеж на тема екологија наградена е Ева Карамановска, седмооделенка од „Рајко Жинзифов“ Скопје. Дворот на ООУ „25 МАЈ“ од Скопје пак е најубаво уреден двор на институција.
На традиционалниот градски конкурс на Град Скопје оваа година за најеколошка компанија е прогласен Градежен институт Македонија АД Скопје, поради успешна примена на стандардот ИСО 14001. За најголем придонес за заштита на животната средина и природата наградена е Елколект ДОО, компанијата која е колективен постапувач со отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори. За најубаво уреден двор во индивидуално домување пак, наградена е скопјанката Весна Игњатовиќ.
Еко конкурсот го распишува Градот Скопје во рамките на традиционалното одбележување на „Денови на пролетта – Денови на екологијата“. Со него се бира најеколошка компанија, најголем придонес во областа на заштитата на животната средина, најубаво уреден двор (индивидуално домување), најубаво уреден двор (институција) и најубав состав и цртеж на тема екологија за ученици од основните и средните училишта.
Градот Скопје го реализира овој конкурс со цел потикнување што поголема грижа за животната средина, како и за мотивирање на учениците што повеќе да се грижат за средината во која што живеат.