Доделени наградите на меѓународниот арт фестивал „Езерски бисери“ во Струга

Со беспрекорни изведби и кореографии, талент, младост и убавина со кои учесниците настапија на сцената, се затвори уште едно издание на „Езерски бисери 2015“ во Струга.

Претходно беа доделени наградите на меѓународниот арт фестивал „Езерски бисери“ во програмата естрада, кореографија, фолклор. За „Бисер на фестивалот “ со освоени максимални 100 поени од интернационалното жири се прогласени ансамблот „Студио Сингерс“ од Полска и Кира Гоголадзе од Русија за естраден вокал, како и Татјана Иконик за народен вокал.

 

Тие добија статуетка , парична награда и охридски бисери од семејството Филеви познато по традицијата од 1928 г. во изработка на бисери.

За лауреати на фестивалот се прогласени Антонија Гиговска, Мина Блажев, Сара Гигова, Марија Груевска и Јасмин Алиевски (Македонија), Василиса Дмитријенко, Анастасија Зјукова, Анастасија Доронина, Светлана Дектјарова (Русија), Милица Илиќ (Србија), Риона Деџорџио (Малта), ансамблот „Мјузикални Нјуанс“ , Сандра Зиликова (Белорусија), Ланина Ноам (Израел), Рубин Силвиа, Корнела Легова, Далија Плева (Полска).

Жирито во состав: Иванка Нинова, Владимир Вовченко, Татјана Савостијанова, Жан Мари Даза, Сања Шутевска, Сергеј Пичуричкин и Јован Бицевски, претседател на жирито, им ги доделија наградите на најдобрите учесници во повеќе старосни категории во естраден вокал (соло пеење, дует, ансамбли), народен вокал, современ танц, спортски танц и народно стилизиран танц.

Меѓународниот фестивал „Езерски бисери“ со своето најново издание во кое учествуваа уметници од 12 држави го потврди статусот на еден од најзначајните арт фестивали во регионот, кој им овозможува афирмација на бројни таленти од целиот свет.

Програмата вклучуваше натпревар во две програми: класична музика и естрада, кореографија, фолклор, како и бесплатни мастер класови за учесниците кои ги држеа реномирани музички имиња како Иванка Нинова, солистка на Софиската Национална Опера, доцент на Националната Музичка Академија во Софија и Татјана Савостјанова,професор по соло пеење и естраден и џез вокал од Русија .