Марија Магиљнаја (Белорусија), Мина Блажев (Македонија) и Емили Купер (Израел) ја освоија специјалната награда на меѓународниот арт-фестивал „Езерски бисери 2017“ – Бисер на фестивалот.
Покрај парична награда, добија и охридски бисери од семејството Филеви. Трите млади пејачки го восхитија жирито со своите зрели изведби во категоријата естрадно пеење.
Доделувањето на наградите се одржа во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Гала-концертот го отвори Антонија Гиговска, која ја освои Гран при минатата година. Публиката уживаше во одлични настапи на неверојатно талентирани млади уметници кои беа наградени на „Езерски бисери 2017“, кој е еден од водечките меѓународни арт-фестивали во регионот.
Претседателот на жирито, Јован Бицевски, професор по виола и директор на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, вели:
„Пријатно сум изненаден од македонските учесници, кои беа во поголем број, а и тоа што го покажаа беше на многу високо ниво. Бев дел од многу натпревари во Русија, Белорусија, Украина, Израел и знам колку многу таму се посветува на естрадното пеење. Пред 3-4 години не можевме да им парираме на пејачите од овие земји. Но, годинава сме изедначени во квалитетот со нив зашто голем дел од нашите пејачи сфатија дека естрадното пеење мора да се школува.“