„Изминатите денови поминаа брзо, како на филмска лента, но веруваме дека ги исполнивме вашите очекувања, а поетските лауреати во Паркот на поезијата беа добри домаќини на филмските вечери“, соопштуваат организаторите на деветтото издание на „Дрим Шорт“ во Струга, каде беа проектирани 29 филмови во 6 категории.
Овогодишното жири со група истакнати филмски професионалци во состав Никола Ристановски, Јелена Јованова, Гуидо Казале и Бранко Ристовски за најдобар филм во студентската програма, го прогласи „Невидлива сестра“ на Нели Рајала.
„Поетска и длабоко емотивна приказна која го истражува сложениот однос меѓу блискоста и оддалеченоста, присуството и отсутноста во човечките врски“, посочија од жирито.

Фото: Кристина Затуроска
За најдобар во регионалната програма го прогласија филмот „Треба да зборуваме за Дилан“ на Умут Шилан Огурлу.
Според жирито, се работи за сатирична краткометражна драма во форма на мокументарец – единствен по својот стил и се издвојува поради силниот сатиричен пристап.
Во категоријата за најдобар филм од македонската програма, специјално признание доби филмот „Зајак“, на Ханис Багашов.
„Одлучивме да доделат и специјално признание поради зрелоста што авторот ја прикажува во пристапот кон сценариото, но и режијата“, нагласија од жирито.
За најдобар филм од Националната програма, го прогласија филмот „Мала шега“, на режисерот Трифун Ситниковски.
„Прекрасен расказ адаптиран на современ начин, кој одлично функционира во контекстот на приказната. Иако се работи за стар мотив, авторот умешно го поставува во денешно време, преку тинејџерски ликови, зборувајќи за нешто навидум едноставно – љубовта. И покрај тоа што во филмот играат натуршчици, режисерски е постигнато врвно ниво на актерска игра“, соопшти жирито.

Фото: Кристина Затуроска
„Човекот кој не можеше да молчи“, на Небојша Сљепчевиќ, е најдобар филм во категоријата Соочување со минатото.
„Филм што ја прикажува војната без директно да ја прикаже војната – со суптилен и зрел пристап, кој остава длабок впечаток. Филм кој што ја одбележа годината“, стои по одлуката на жирито.
Најдобар филм на овогодишното издание на „Дрим Шорт“, го прогласија филмот „О“ на Рунар Рунарсон.
„Филм кој се издвојува поради длабочината на приказната, мајсторската режија, беспрекорната актерска игра и впечатливата фотографија. Целосно заокружено филмско остварување во секој поглед – не само технички, туку и емотивно, филм кој не те остава рамнодушен. Без размислување, жири комисијата беше едногласна дека најдобар филм во Интернационалната категорија е филмот ‘О’ на Рунар Рунарсон“, рекоа од таму.
За најдобар филм од публика беше изгласан филмот „Остров“ на Бранко Костески. Покровител на наградата е Интероптик од Струга.

Фото: Кристина Затуроска
Инаку, на „Дрим шорт“ покрај проекциите се одржуваше и работилница за филмска критика „Соочување со минатото“, мастер-клас со Никола Ристановски, филмска програма во склоп на катчето за Виртуелна реалност, мастер-клас со реномираниот директор на фотографија Флоријан Хофмајстер, еко-филмска програма во соработка со Еко-свест и Холандска вечер во соработка со фестивалот „Гоу Шорт“. Фестивалските вечери се заокружуваа со музичка ОФФ програма со диџеј сетови на Андреја Салпе, Чима и Андреј Мицајков.