Доделени наградите на Beach Film Festival

Со доделување на наградите заврши четвртото издание на Beach Film Festival кој годинава се одржа на плажата Горица 3, Охрид, но и уште на две локации во градот: бродот Армада и Музејско-културниот центар Лапидариум.

Во текот на петте фестивалски денови, посетителите имаа можност да видат низа долгометражни и краткометражни европски филмови.

Наградата „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм ја доби филмот „Moon, 66 Questions” на режисерката Jacqueline Lentzou, наградата Мал бран за најдобар краткометражен филм ја доби филмот „Pipo &Blind Love”, наградата Стефан Сидовски Сидо за најдобро актерско остварување ја доби Sofia Kokkali (Moon, 66 Questions) и Специјално признание за најдобар студентски краток филм ја доби филмот „Duduk (Whistle)“.

Жирито на овогодинешниот фестивал го сочинуваа Ана Василевска (филмски теоретичар), Елеонора Венинова (режисерка, сценаристка) и Сергеј Трифуновиќ (глумец).

Покрај Официјалната селекција на филмови од категориите долгометражни, краткометражни и студентски краткометражни филмови на програмата се најдоа и Специјални проекции на документарни, анимирани и долгометражни филмови.

Оваа година, како и сите претходни фестивалски изданија, се затвори со македонски филм. Тоа беше филмот „Homo“ на режисерот Игор Иванов Изи. Посетителите исто така можеа да проследат Q&A со дел од гостите на овој фестивал, режисери, продуценти.

Во склоп на фестивалот се одржаа и две дводневни работилници, една за филмска шминка под менторство на Ирена Сенокозлиоска и работилница за филмска критика предводена од Ана Василевска.

Организаторите се заблагодарија на Агенција за филм, Општина Охрид, Europe House Skopje и European Film Challenge, како и на сите останати поддржувачи и помагачи во реализацијата на овој петдневен настан.