Доделени наградите на 54. издание  на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“

Претставата „Бакхи – краток преглед на распадот“ во изведба на Битолскиот театар, а во режија на Игор Вук Торбица е победник на годинешното 54-то издание  на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“.

Одлуката е едногласно донесена од страна на жирито во состав Бедија Беговска, како претседател и Љиљана Богојевиќ и Маја Вељковиќ како членови.

Наградата за режија ја освои Игор Вук Торбица за „Бакхи – краток преглед на распадот“. Награда за главна женска улога доби Марија Спиркоска Илиеска за Велика во претставата „Пиреј“ на прилескиот театар од каде доаѓа и наградата за главна машка улога на Александар Степанулески за ликот на Јон.

Награда за машка епизодна улога доби Гзим Жерка за улогата на Сент-Жист во претставата „Смртта на Дантон“ од Албанскиот театар, а наградата за најдобра женска епизодна улога замина во рацете на Биљана Драгиќевиќ Пројковска за улогата на Карлота во претставата „Странци“ на Драмски театар Скопје.

Наградата за млад актер ја освои Симона Димковска  за ликовите во претставата „Физика на тагата“ на Кумановскиот театар, а наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ – Тони Денковски за улогата на Горниот  во претставата „На отворено“ на Театар Комедија од Скопје.

Добитник на наградата за современа сценска драматизација за претставата „Животинска фарма“ на Струмичкиот театар е режисерот Љупчо Горѓиевски, а на наградата за најдобра сценографија е Константин Трпеновски за сценографијата во претставата „Макбет“ на МНТ. Оваа претстава ја доби и наградата за најдобра костимографија и и се доделува на Розе Трајчевска Ристовска.

Со претставата „Силјан Штркот шанца” од Дејан Дуковски во режија на Срѓан Јаникиевиќ, а во изведба на МНТ се заокружи 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински.