Доделени наградите „Актерот на Европа“

Синоќа, во ресенскиот Сарај, со доделувањето на наградите заврши 16-то издание на Интернационалниот театарски фестивал Актерот на Европа.

Оваа година престижната награда „Актерот на Европа 2018“ ја доби актерот Васили Лаерти од Албанија за светската премиера на проектот „Пеколот на Агамнемнон“ работен по мотиви од Исмаил Кадаре. Овој драмски триптих е авторски проект на Васили Лаерти што тој сугестивно го изведе на три јазици: албански, грчки и англиски, а го започна на македонски јазик.

Наградата „Наум Манивилов Преспански“ ја доби актерот Дарјан Петров за улогата на „Дони Дарк“ во истоимената претстава во продукција на Театар Комедија од Скопје. Младата актерка Димитрина Мицкоска ја понесе наградата „Млада Европа“ за адаптацијата, режијата и изведбата на претставата „Женска утопија“, работена по мотиви од драмите на Јордан Плевнеш.

Српската авторка Тијана Грумиќ ја доби наградата за современ драмски текст за текстот „Кеплер 452Б“, во изведба на Театарот „Бора Станковиќ“ од Врање, во режија на Југ Ѓорѓевиќ. Наградата „Жак Лакариер“ за инвентивна сценска реализација се додели на Мирел Кнез од Р. Словенија, за адаптацијата и изведбата на монодрамата „Жените на Ибзен“ во режија на Ник Апер, како и на театарскиот проект „Четири еполети“ од Хачиф Мулиќи, во режија на Арта Мулиќи од Р. Косово.

Гранд при, за најдобра изведба на фестивалот „Актерот на Европа 2018“ е доделена за проектот од Бугарија ОЧАЈ.АН.И.Е од Теодора Георгиева, работен според мотиви на драмата „Слугинки“ од Жан Жене, во режија на Магдалена Славчева со актерките Никол Султанова и Беатрис Благоева.

Наградите ги додели жирито на фестивалот составено од Мето Јовановски – претседател, Лилјана Котевска – Плевнеш и Гоце Ристовски – членови.