Доделени филмските награди од фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој годинава го одржа своето 13 издание под мотото „Лупење идеи“, ги објави годинешните наградени филмови.

Годинешната филмска програма содржи 71 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови и Студентска програма, додека сите филмови се дел од натпреварувањето за наградата Етички идеи. Во  комисиите за награди, како што информираат организаторите членуваат 15 меѓународни професионалци од документарниот свет.

Главната награда „Кромид“, ја доби филмот „Затемнување“ на Наташа Урбан, кој за кој жирито вели дека е „повеќеслојно, софистицирано дело на рекултивација на меморијата, што го поврзува минатото со сегашноста и личното со политичкото, со изразено чувство за поетски детали и посветеност на интегритетот на историското сведоштво“.

Според жирито, „Затемнување“ претставува значаен придонес за пресметката на балканскиот регион со војната, раселувањето и идентитетот.

Посебно „кромид“ признание доби и филмот „Вознемирена земја” на Кумјана Новакова и Гиљермо Карерас- Канди, кој претставува поетски есеј за „пејзаж на вината“.

Наградата „Млад кромид“ за најдобар филм од нов автор ја однесе филмот „Братство“ од Франческо Монтанер

!Авторот прецизно и чувствително ја долови комплексноста, како и сложеноста на односите во едно целосно машко семејство. Како гледачи, имаме можност да се нурнеме во младешки свет полн со строги правила и обврски, без оглед на присуството на родител-авторитет. ‘Братство’ отвора поголем контекст на двојноста на современиот свет и традицијата. Блискоста и природноста на ликовите во силните филмски слики го прават брилијантно дело, полно со суптилност и убавина“, велат од фестивалот.

Посебно признание во оваа категорија доби филмот „Невидливи демони“ на Рахул Џаин.

Наградата „Сецкан Кромид“ во делот на кратки документарни филмови ја доби филмот „Бабајања“ на Анте Златка Столице,  кој според жирито, воодушевил со своите неверојатни визуелни прикази и оригинален начин на мешање на духовите од детството со тешките реалности.

„Преку воспоставување на фиктивни елементи во документарен наратив, детската перспектива полека се менува во една истрага на возрасен човек кој се обидува да ја најде жената што го прогонувала во соништата и што била претворена во чудовиште од нејзините соселани поради својата другост“, истакнува жирито.

Посебни признание во оваа категорија доби  и филмовите „Се обидувам да се сетам“ на Пегах Ахангарани и „По течението на зборот“ на Илејн Естер Ботс

„Кокарче“, наградата за најдобар филм од Студентската програма ја доби филмот  „Чичко ми Тудор“ на Олга Луковникова, за кој жирито вели дека е моќен исказ на еден храбар, млад режисер кој се враќа назад и се соочува со чудовиштето во куќата.

„Филмот остава дамка во умот на гледачите што не може да се избрише, правејќи ги заложници на злосторствата сторени од блиски роднини, а сепак остава доволно простор да се замислат суровите дела кои не треба да се повторат, никогаш, никому, никаде“, додаваат оттаму.

Специјално признание во оваа категорија доби филмот „Стадо“ на Омер Даида.

Наградата за филм со најдобри етички идеи ја доби филмот „Куќа од раски“ од Сајмон Леренг Вилмонт.

„’Куќа од раски’ е одличен пример за моќта на филмот да ги открие сложените човечки чувства и реакции во многу интимна и деликатна ситуација на несреќните деца на украинскиот пропаднат општествен систем. Филмот ни покажува како етиката на понижување на едно општество влијае на неговите најранливи членови. Иако ова е тажна и трогателна приказна за овие деца со неизвесна иднина, таа се разголува во своето највистинско присуство, без форсирање на елементите и наративот. Да се ​​снима документарен филм со деца кои ги доживуваат своите најдлабоки трауматски моменти во животот, бара постојан етички фокус, чувствителен пристап и грижа да не се навлегува во нивниот веќе нарушен живот. Сето тоа со цел да се доближи нивната несреќна приказна пред очите на светот, очите кои се поштедени од неволјите низ кои минала филмската екипа“, велат од жирито.