Доделени 80 стипендии на студенти на Технолошко-металуршкиот факултет

Доделени 80 стипендии на студенти на Технолошко-металуршкиот факултетТехнолошко-металуршкиот факултет втора година по ред додели стипендии на студенти во прва година кои се добиени врз основа на меморандум потпишан со Министерството за образование и наука, УКИМ и 23 компании од Македонија.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски на денешното доделување истакна дека оваа година се доделуваат 25 стипендии од министерството, 45 од компаниите и 10 стипендии од УКИМ за студенти што стидираат на Технолошко-металуршкиот факултет.

„Студентите кои својата перспектива одлучиле да ја развиваат во рамките на техничките струки, кои се исклучително дефицитарни на пазарот на труд, се струки кои во најголем процент обезбедуваат сигурна работа по дипломирањето на студентите во компаниите“, рече Ристовски и додаде дека стипендиите придонеле бројот на студенти на овој факултет во последните две години да се зголеми за 100 отсто.

Деканот на Технолошко-металуршкиот факултет, Александар Димитров посочи дека стипендиите се од огромно значење за факултетот, бидејќи се зголемува интересот за него.

„Бројот на студенти што се запишаа оваа година е зголемен во однос на минатата и не само тоа, речиси 70 проценти од запишаните студенти се со одличен успех“, истакна Димитров.

Со стипендиите на студентите им е обезбедена и практична обука, а во четврта година од студирањето ќе им биде дозволено дипломскиот труд да го изработат во компаниите.