Доделена наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“

Ѓурѓица Илиева и Марија Спирковска добија прва награда за најдобар млад преведувач „Вавилон“ на првиот конкурс кој на крајот на минатата година го објавија Делегацијата на ЕУ и Здружението на преведувачи МАТА.

Доделена наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“

Тие се наградени за превод од англиски на македонски јазик на дел од делото „Чистачот“ од Тери Прачет. Прва награда доби и Ајнур Касо за превод од англиски на турски јазик на дел од книгата „Longbourn“, пренесе МИА.

Доделени се и почесни сертификати за второ и за трето место – на Илија Трајковски за превод од полски на македонски на дел од делото „Морфиум“ од Шчепан Твардох и на Зорица Петкоска и Никола Ѓелинчески за превод од англиски на македонски јазик на дел од делото „Танц со змејови“ од Џорџ Р. Мартин.

Целта на конкурсот е да ги поддржи младите преведувачи и да поттикне врвен квалитет при преведување литературни дела. Конкурсот беше отворен за преведувачи до 26 години, а пријавите требаше да бидат преводи на литературни дела од кој било од 24-те службени јазици на ЕУ кои се зборуваат во земјата.

Најдобрите преведувачи за секој од јазиците за кои пристигнале пријави ќе добијат парична награда (500 евра), годишно членство во Здружението на преведувачи МАТА и објавување на преводот во списанието „Културен живот“.

Конкурсот со критериумите за наградата млад преведувач „Вавилон“ за 2015 година ќе биде објавен на почетокот на декември.