Доделена наградата за „најбезбедно и најчисто училиште“

Кавадаречкото основно училиште „Тошо Велков Пепето“ и скопското средно електротехничко училиште „Михајло Пупин“ победија на конкурсот за „Најбезбедно и најчисто училиште“. Конкурсот се реализа трета година по ред, од страна на Министерството за образование и наука и Мисијата на ОБСЕ.

Од основните, второто место му припадна на ООУ „Васил Главинов“ од Велес, а на третото место се најде ООУ„Рајко Жинзифов“ од с.Долно Оризари.

Во категоријата на средни училишта, на второ место е СУГС „Владо Тасевски“ од Скопје, а трета награда доби ОСУ „Ацо Русковски“ од Берово.

Првонаградените основно и средно училиште ќе добијат смарт табла која ќе биде обезбедена од страна на Министерството за образование и наука, додека наградите за второто и третото место ќе бидат обезбедени од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Изборот на најбезбедно и најчисто училиште го изврши стручна комисија, формирана од МОН, врз основа на пристигнати апликации и увид во самите училишта. Сепак, во соопштението на министерството не е наведено колку средни и основни училишта се пријавиле годинава на конкурсот за „Најбезбедно и најчисто училиште“.