Доделена наградата „Вавилон“ за најдобар млад преведувач

Даниела Здравковска и Јусуф Санберк се годинешните добитници на наградата „Вавилон“ за најдобар млад преведувач, што ја доделуваат Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје и Здружението на преведувачи МАТА, јавува Агенцијата Анадолу.

Здравковска е наградена за превод од италијански на македонски јазик, а Јусуф Санберг за превод од англиски на турски јазик. Втора награда добија Марија Коцевска и Ана Димевска за превод од француски на македонски јазик, а добитник на трета награда е Елена Кркулева за превод од италијански на македонски јазик.

Целта на конкурсот е да се поттикне одличен квалитет во преводот на литературни дела од европските јазици на јазиците што се зборуваат во земјата, а се распишува по повод 26 септември – Европскиот ден на јазиците.

Амбасадорот на ЕУ во земјата, Самуел Жбогар, кој им ги додели наградите на победниците, рече дека преку наградата „Вавилон“, ЕУ ги охрабрува многуте млади преведувачи да се вклучат во преведувањето на литературни дела од официјалните јазици на Европа. Како што рече тој, тоа помага да се донесе европската култура во Македонија.  Заменик-претседателот на Здружението на преведувачи МАТА, пак, Огнена Никуљски, рече дека преку овој конкурс им се помага на младите кои сакаат да ја збогатат културата преку преведување на писма.

На доделувањето на наградите беше објавен и новиот конкурс за оваа награда,чиј рок за учество е трети април 2017 година.