Доцнат изборите за претседател на СПУКМ, не се знае кога ќе бидат распишани

Иако поминаа две години од изборот на претседателот на Студентскиот парламент при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Кирил Спироски, на најголемиот универзитет во државава се уште не се распишани избори за претседател.

На огласните табли на универзитетите, каде треба да стои информацијата за нови избори, нема ни трага ни глас од огласот за избор на нов студентски лидер. Репортерот на Радио МОФ направи фотографии од огласните табли на Правниот, Филозофскиот и Економскиот факултет, на кои јасно се гледа дека нема информација за нови избори.

Доцнат изборите за претседател на СПУКМ, не се знае кога ќе бидат распишани

Доцнат изборите за претседател на СПУКМ, не се знае кога ќе бидат распишани

Според Статутот на студентскиот парламент, Претседателот на СПУКМ има мандат од две години, а изборите за претседател секогаш се одржуваат во секој нареден октомври по завршувањето на неговиот мандат.

Изборите треба да бидат најавени со јавна објава за избори, истакната на огласните табли на сите факултети, членки на Универзитетот, во која се наведени неопходните информации и услови за кандидирање на студентите, како и датумот за одржување на изборите. Во статутот се вели дека јавната објава за избори се истакнува најрано 30 дена пред денот на одржување на изборите.

Изборите за претседател на СПУКМ може да се одржат и во друг месец, доколку претседателот поднесе барање до парламентот и тоа барање биде изгласано со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.

Претседателот на СПУКМ, Кирил Спироски смета дека Статутот остава простор, доколку има избори и на други матични факултети, да може да се одреди друг датум за избори, но не смее да измине третата година. Според него, ваквата ситуација не е невидена, и се случила и претходно со другите лидерства на СПУКМ.

– Парламентот може да одреди друг датум, бидејќи имаме избори на некои од матичните факултети. Избори  за претседател согласно Статутот ќе се одржат. Дали на почетокот или на крајот од оваа академска година, не можам да кажам, но избори секако ќе има, вели Спироски за Радио МОФ.

Статутот на СПУКМ предвидува изборите на матичните факултети да се одржуваат во месец ноември, за разлика од претседателските кои се предвидени во октомври.

Бојан Матовски од неформалното студентско движење „Слободен Индекс“ вели дека речиси сите студентски лидери досега, и покрај јасните правила за избори во правните документи на СПУКМ, наоѓале начини за да го продолжат својот мандат.

– И претходниот претседател го одложуваше неговиот мандат, година дена откако му заврши им требаше за да распишат избори, секогаш доцнат и ние се навикнавме на ова. „Слободен индекс“ е јасен, ние не ги прифаќаме СПУКМ како легитимни претставници на студентите и без разлика која партија е на власт и кој лидер е на чело на СПУКМ, досега гледаме дека тие не си ја вршат работата, вели Матовски за Радио МОФ.

Кирил Спироски беше избран за претседател на СПУКМ во октомври 2012 година. Засега, тој не открива кога се планира одржувањето на избори за негов наследник. Кампањата за претседател треба да започне 15 дена пред одржување на изборите.

К.О.