„Добредојде дома стари“ – Клупата на Горан Стефановски денеска ќе биде поставена во Дебар Маало

„Конечно, после една година изработка, долги ковид месеци во склад, и неколку недели во кутија, сабајлево бронзениот Горан го виде небото над Дебар Маало!“, соопшти неговиот син, Игор Стефановски.

Тој информираше дека поради новите мерки, нема да има јавен настан по повод поставувањето на споменикот на познатиот македонски драматург Горан Стефановски кој седи на клупа во Дебар Маало, неговото омилено место.

„Но, сигурно така и требало да биде, бидејќи Горан секогаш се враќаше во Скопје тивко и ненајавено – едноставно си сакаше да се појави (всушност, никогаш не се сметаше за отсутен). Така што, еве и овој пат, во текот на денот (здравје), Горан би требало да биде поставен на своето место, каде ќе ве чека за седенка и муабет. Кога ќе бидете во можност, отидете да го поздравите. Добредојде дома стари! Едвај чекам да седнам до тебе пак…“, напиша неговиот син.

Пред две години, од Општина Центар соопштија дека во Дебар Маало ќе биде подигнат споменик на драмскиот писател. Одлуката ја донесе Советот, по иницијатива на Македонската академија на науките и уметностите. Спомен обележјето требаше да биде поставено на триаголниот парк во Дебар Маало, спроти ресторанот „Идадија“, но пандемијата ги оддолжи работите.

Горан Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат.

Почина во 2018 година, на 66 годишна возраст.