Доаѓаат температури до 42 степени, Црвен крст се активираше на терен

Температурите во делови од Македонија денеска ќе се искачат до 40 степени, а УХМР информира дека и следниот период ќе биде претежно сончево и многу топло време. Особено топло ќе биде во деновите од викендот, кога максималната температура некаде ќе достигне и до 42 стапени, со УВ индекс со вредност 9.

Со поддршка на Град Скопје на терен се активира Црвениот крст, согласно акциониот план за справување со топлински бранови.

„Тимовите на Црвен крст на Град Скопје секој работен до 8 август ден ќе патролираат низ градот. Мобилни екипи составени од лекар или парамедик, ќе дистрибуираат вода, ќе делат флаери со совети за заштита од топлински бранови, ќе се мери притисок на граѓани кои ќе се пожалат на тегоби, а за потешките случаи ќе биде обезбеден и транспорт. За овие активностите, ангажирани ќе бидат 2 тима“, велат од Црвен крст, потенцирајќи дека веќе во месец јули се поделени 3.500 шишиња вода, а 32 лица побарале директна помош од мобилните тимови.

Од Министерството за здравство веќе потенцираше дека граѓаните е потребно да ги почитуваат општите препораки за заштита од температура. Односно, меѓу другото, да се избегнува престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, а на хронично болните лица им се препорачува редовно земање на пропишаната терапија. Информации и препораки за заштита од топлотниот бран се дистрибуираат ТУКА.

Министерството за труд и социјална политика препорачува во следните три дена (од петок до недела) од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60 годишна возраст, додека сите останати лица при појава на каков било здравствен проблем веднаш да се јават кај својот матичен лекар.