До поголема ЛГБТ видливост преку христијански домејни

До поголема ЛГБТ видливост преку христијански домејниЧитателите кои се одлучија да се информираат за работата на конзервативната организација – Австралиско христијанско лоби, непријатно се изненадија кога на нивната интернет-страница наместо анти-ЛГБТ ставови ги пречека цртеж од насмеана мачка над виножито.

Лесно може да се помисли дека се работи за хакерски напад, но нештата се прилично поедноставни: три жени – Хилари Боуман-Смарт, Џеневив Стјуарт и Џесика Алис барале домејн за нивната страница за австралиските љубителки на мачки (Australian Cat Ladies) и шегувајќи се ја напишале адресата за која помислиле дека би било иронично да ја имаат, пренесува okno.mk. Откако откриле дека домејнот на австралиското христијанско лоби е слободен, решиле да остварат една прекрасна замисла – за само 19 австралиски долари годишно да го купат домејнот и со помошта на оваа адреса (и слатките мачиња) да промовираат брачна еднаквост.

Стјуарт признава дека сето тоа почнало како обична шега, но нивниот потег има прилично голем активистички потенцијал: „Австралиското христијанско лоби е еден од водечките гласови против ЛГБТ популацијата и родовата еднаквост. Тие се против истополовите бракови, абортусот, контрацепцијата, но и против сите останати нешта кои ние ги поддржуваме. Сметаме и дека имаат тајни планови против мачките.“

По појавата на страницата на 28 април 2013 година, за само еден ден таа станува вистински интернет хит со над 400 000 посети од 200 000 посетители, а нивниот профил на Твитер за уште пократок период се здобива со 800 пријатели! Но девојките кои сето ова го започнале како шега, прилично мудро размислуваат како да го искористат своето новостекнато влијание: „Мораме да размислиме во која насока ќе одиме. Сега ни е јасно дека имаме платформа од која можеме многу да постигнеме за подобрување на брачната еднаквост, правдата, па и за проблемите со гребнатинките од мачките“, шегувајќи се заклучува Стјуарт, инаку лезбејка, како и другите нејзини колешки и обожавателки на мачки.

Австралиското христијанско лоби сè уште не излезе со реакција на ваквиот развој на настаните, иако и австралиските, па и светските медиуми известија за тоа дека нивниот домејн се користи за промовирање на нешто сосема спротивно од нивните десничарски ставови. Не би зачудило кога повторно би истапиле со некоја изјава како онаа на директорот Џим Валас според кого е поздраво да се пушат цигари отколку да се биде геј. Како и што се очекуваше, јавноста реагираше прилично бурно на неговата изјава, а премиерката Џулија Гилард го откажа веќе договореното гостување на националната конвенција организирана од нив.

Мачките се хит на интернет веќе некое време, но сега овие три љубителки на мачки одлучија дека влијанието на мачките врз јавноста е доволно големо за да може преку него на забавен начин луѓето да се едуцираат за ЛГБТ лицата и нивните права. Но им напоменуваат на случајните посетители на нивната страница дека е сосема возможно да се збуниле, заменувајќи го терминот cat-holic (зависник/зависничка од мачки) со catholic (како што е прикажано и на сликата).

Извор: okno.mk, queer.hr