„Дневникот на лудиот“ во Социјален центар „Дуња“

На 15 август (сабота) со почеток од 20 и 30 часот во Социјалниот центар „Дуња“ ќе се одигра претставата „Дневникот на лудиот“ по текст на Николај Гогољ, а во режија на Ѓорѓи Ризески.

Улогата на Аксентие Иванович ја игра Бобан Алексоски, кој за својата изведба се здоби со наградите за најдобар актер на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, но и на Balkan Theater Tirana Festival.

Освен за најдобар актер на Balkan Theater Tirana Festival, претставата добива награда и за најдобра режија.

„Дневникот на лудиот“ e провокативен текст, кој иако напишан во 1835 година, се’ уште е ужасно актуелен.

Аксентие Иванович го трча последниот круг на надежта, заедно со своите гости, кои ја слушаат и оценуваат неговата приказна. Секој во публиката размислува различно, а секој одговор му е важен на Аксентие за да продолжи да живее. Дали луѓето сакаат да ја чујат вистината?

„Гогољ сака на некој начин да не разбуди од сонот, од кој сме сите заслепени во секојдневието, и проблемите околу социјалниот момент – трката во која живееме“, велат од театарската екипа.

Во месец август монодрамата е селектирана да учествува на Saint Muse 15 International Theatre Festival во Монголија, Улан Батор и на уште еден македонски театарски фестивал.

Согласно објавените протоколи, бројот на публиката ќе биде ограничен и строго ќе се почитуваат препорачаните мерки. Задолжително е носењето на заштитни маски, одржување на пропишана физичка дистанца и дезинфекција.