„Дневник“ повеќе нема да ја доделува новинарската награда „Менде Петковски“

Дневниот весник „Дневник“ прекинува со доделување на наградата „Менде Петковски“, посветена на познатиот битолски дописник. Информација ја соопшти неговата сопруга, Светлана Петковска, која сака да ја продолжи традицијата, иако на симболичен начин, бидејќи како што вели, нема 500 евра, колку што изнесуваше наградата.

„Драги Менде,

Кога го напушти овој земен свет, во 2005 година, беше еден од најпродуктивните дописници во Македонија. Еден ден после твоето заминување, на комеморативната седница, твојот драг Бранко Героски предложи, а сите кои беа таму се израдуваа на предлогот, Дневник да востанови награда во твое име и во твоја чест. 11 години со ред тоа се правеше. На денот на твојот роденден. Многу дописници ја понесоа оваа награда, иако во текот на овие години имаше (непристоен) предлог наградата да се пресели во метрополата. Тогаш свикав ПРЕСС, како што би сакал ти, и наградата остана во Битола.  До денес. Денес разбрав дека оваа година Дневник ја прекинува традицијата, заради финансиски проблеми, и нема да ја доделува повеќе.

Си велам, да ја продолжам јас традицијата, а, што велиш? Можеби немам 500 евра за награда (толку изнесуваше), ама ќе направам убава плакета и да ја доделам. Што ме учиш? Колегите со кои контактирав ме поддржуваат во намерата. Битолчани исто така.“, напиша Петкоска. 

По ова, новинарот Бранко Героски ги повика своите колеги и јавноста да помогнат во реализацијата на доделувањето на наградата. Тој предложи наградата „Менде Петковски“ да ја преземе Здружението на новинарите на Македонија.

„Барам поддршка за Менде, поддршка за колегите дописници, вид кој полека исчезнува“, напиша Героски.

По неговиот апел, голем број новинари и претставници од невладини ја изразија својата поддршка за да опстане наградата, која се доделува веќе 12 години.