Дневна статистика за Ковид-19: 3 починати, 168 новозаразени, 70 оздравени лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа од Ковид 19 починаа три лица, а регистрирани се 168 нови случаи, од 1470 тестирања.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа двајца пациенти на возраст од 66 и 70 години. Во ГОБ „8 септември“ почината е пациентка на 63 години по приемот, кај која вирусот е потврден постмортем.

Најголем број новозаразени се од Скопје-83, Тетово-26, Охрид-8 и Гостивар-8. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира и 70 оздравени лица.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 7572,  бројката на оздравени пациенти е 3624, на починати е 362, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3586. Од нив најголем број се во Скопје, каде има 1928 активни случаи.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 9 пациенти.  Вкупно се хоспитализирани 92 пациенти. На кислородна поддршка се 62 пациенти, нема пациенти на респираторна машина. Во болницата во Козле се хоспитализирани 20 возрасни пациенти позитивни на ковид-19, 2 деца позитивни и 3 суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ примени се 16 нови, вкупно хоспитализирани се 94 пациенти. На респираторна машина се 4 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 44, а во болницата во Штип се хоспитализирани 47 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар и Струмица се хоспитализирани 110 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.