Дневен центар за деца и семејства во социјален ризик „Гнездо“ се отвора на 15 мај

Дневниот центар „Гнездо“ – иницијатива посветена на јакнење на децата и семејствата во социјален ризик, свечено ќе биде отворен на 15 мај (четврток) со почеток во 17:30 часот. Отворањето ќе се одржи во просториите на Центарот, во општина Центар, Скопје на Трета Македонска бригада 10А.

Настанот ќе вклучи кратка свечена програма, обраќања од државниот секретар Фатмир Сабриу, аташето на Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, Харалд Бреза Фугер, поддржувачи и партнери, како и тивка добротворна аукција, со цел да се обезбедат дополнителни средства за функционирањето на центарот.

„Со оваа иницијатива, ‘Гнездо’ станува симбол на општествена одговорност, грижа и солидарност. Овој настан означува значаен чекор во зајакнувањето на системите за поддршка на заедницата, со фокус на човековите права, инклузијата и можностите“, велат од организацијата „Новинари за човекови права“, која го спроведува проектот.

Дневниот центар „Гнездо“ е основан со поддршка од Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, а во соработка со ЕКПАТ Австрија.

„Нивната поддршка беше значајна во остварувањето на целите на проектот ‘Зајакнување на иднината’, за центарот да фунционира како безбеден и поддржувачки простор за најранливите категории граѓани, нудејќи психо-социјална помош, неформална едукација со посебен акцент на деца и млади, правно советување и дневна грижа“, додаваат од организацијата.