ДКСК затвори еден, а отвори друг случај за Шилегов и адвокатско друштво

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска на прес-конференција информираше дека градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов, по укажувањето од антикорупционерите за судир на интереси, го раскинал договорот за консултантски услуги со неговата адвокатска канцеларија.

Пријавата до ДКСК дошла од познато лице, а потоа антикорупционерите го повикале градоначалникот во своите простории.

„ДКСК му објасни дека согласно членот 44 од нашиот закон, службено лице може да остварува приходи од научни, наставни, културни, уметнички и спортски активности, како и приходи од авторски, патенетни, и други услуги од интелектуална сопственост, но не можат од консулстантни услуги, бидејќи тие не спаѓаат во овој член. На градоначалникот му беше доставена нашата одлука за судир на интереси. Тој постапи по неа, го раскина договорот со адвокатското друштво, не’ извести за тоа, по што државната комисија го затвори предметот“, рече Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК.

Во врска со наводите што ги слушнале во јавноста преку медиумите дека Градот Скопје има склучено договор со адвокатското друштво, ДКСК одлучи да го испита овој случај.

„Со службена белешка отворивме нов случај, и да ги потврдиме, односно отфрлиме наводите дали се точни или неточни, за што понатаму ќе ја известиме јавноста, бидејќи станува збор за сензибилно прашање“, нагласи Ивановска.

Во однос на тоа дали сега тој има договор со адвокатската канцеларија, дополни таа, наводите не се точни, бидејќи градоначалникот излегол од таа состојаба на судир на интереси, раскинувајќи го договорот со адвокатското друштво.