Јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, имаа обврска во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на локалните избори (до 18 август) да достават податоци до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за бројот, видот, регистарските таблици и возната состојба на сите службени возила со кои располагаат институциите. Оттаму информираат дека во наведениот рок, тоа го сториле 42 отсто од институциите, пренесува агенцијата Мета.мк.
„Го објавивме Регистарот на службени моторни возила, како законската обврска од Изборниот законик. Исто така, со цел да се обезбеди транспарентно информирање на јавноста и да се спречи евентуална злоупотреба на службените возила во изборната кампања, ДКСК на својата веб-страница објави податоци за институциите кои немаат доставено податоци за службените возила, како и преглед на податоци за марката и регистарскиот број на возилата од институциите кои не доставиле податоци, а располагаат со службени возила. Обврска да достават податоци имаа вкупно 1.514 институции, а до 29 септември, 635 институции доставија податоци, а 879 институции воопшто не доставија податоци“, се наведува во соопштението од ДКСК.
Од тие што доставиле податоци, пријавени се 4.079 возила, а 2.558 возила се пријавени после рокот.
„Во однос на споредбата меѓу податоците што ги доставија институциите и оние што ги добивме од Министерството за внатрешни работи, утврдено е дека кај дел од институциите бројот на пријавени возила целосно се совпаѓаат, но има и значителен број случаи каде што институциите пријавиле повеќе или помалку возила отколку што стои во евиденцијата на МВР“, се додава во соопштението од Антикорупциска.
Освен тоа, се вели во соопштението, имало и институции кои пријавиле дека располагаат со возила (27 институции), а во податоците на МВР тие возила воопшто не постојат, што укажува на можност возилата да се водат на друго правно лице, но да им бидат дадени или отстапени на користење.