Дизниевиот лик Шиљо, Гуфи или Клапчо полни деведесет години

Во текот на 2022 година љубителите на продукцијата на Волт Дизни прославуваат 90 години од постоењето на еден од омилените ликови – наивното и добродушно антропоморфно куче Шиљо или Клапчо, во оригинал Гуфи (Goofy), пренесува агенцијата Мета.

Првобитната форма на Шиљо бил лик кој се појавува во краткиот цртан филм „Ревијата на Мики“ (Mickey’s Revue) од 1932 година. Во тек на концерт на кој диригира Мики Маус, досаден старец подоцна наречен Дипи Дог, ја нервира публиката со своето простачко крцкање кикиритки и карактеристично смеење. За смеата и изгледот на ликот бил заслужен актерот Пинто Колвиг, кој потоа го позајмувал гласот на Шиљо се до смртта во 1967 година.

Од 1934 година, помладата верзија на ликот, веќе нарекуван Гуфи, што може да се преведе како приглуп, шашав, смотан, ексцентричен… станува редовен член на групата главни Дизниеви ликови присутни и во цртани филмови и во стриповите на Флојд Готфтредсон и Уб Ајверкс.

Дел од стрипот „Микиевиот гостин Четвртко“ објавен на српски јазик во „Политикин Забавник“ 1940 година.

Во триесеттите години на дваесеттитот  век, стриповите стекнале голема популарност и во Кралството Југославија. Почнувајќи од 1936 година, белградската издавачка куќа „Политика“ лиценцирано ги објавувала новите епизоди само три или четири месеци по првобитното објавување во САД. Надреалистот и новинар Душан Дуда Тимотијевиќ, еден од основачите и уредниците на „Политикин Забавник“ во 1939 година, при превод на Дизниевите стрипови давал локални имиња на ликовите. Според легендата, тој Гуфи го прекрстил во Шиља според прекарот на некој негов висок и слаб колега.

Подоцна српското име Шиља на македонски и хрватски беше прилагодено како Шиљо, додека во превод на словенечки истиот лик се викаше Пепе, што е слично на италијанскиот Пипо.

Во кратките цртани филмови, од 1935 до 1937 година Шиљо настапувал како дел од комично трио заедно со Мики и Пајо Паторот. Типичен пример е филмот „Ден за селидба“ (Moving Day) во кој тројцата другари притиснати од долгови се обидуваат да го измамат извршителот – локалниот шериф Даба, кој е намерачен да им го заплени мебелот како компензација.

Сличен пример на цртан филм кој често беше репризиран на ТВ Скопје во текот на осумдесеттите, е и „Приколката на Мики“ (Mickey’s Trailer).

Со време Мики се покажал како престаложен, па аниматорите почнале да го сметаат за излишен, решавајќи да прават филмови само со урнебесните Пајо и Шиљо. Најпознат од таа серија е „Поларните трапери“ (Polar Trappers) во кои двајцата несмасници се во улога на ловци на живи моржови, при што Пајо се обидува да ја надополни залихата храна со неуспешно фаќање пингвини.

Растечката популарност на Шиљо довела до тоа од 1939 година да стане главен лик во серии кратки цртани филмови, често засновани на концептот „Како да…“. Тие  покривале теми од риболов до хумористични упатства за практикување разни спортови, во кои тој ги учи гледачите како се плива или се игра голф, хокеј или кошарка…

Цртаниот филм „Калифорнија или пропаст“ (Californy ‘er Bust) од 1945 година, кој преку пародија ги исмева стереотипите за Индијанците од тогашните вестерн-филмови. Овој филм бил предмет на недоразбирања во подоцнежните децении, како мета на критичари кои во обид да бидат политички коректни, карикатурирањето го сфаќале буквално.

Подоцнежната продукција, oд педесеттите, опфаќа кратки цртани филмови во кои Шиљо е претставен како типичен американски семеен човек. Еден од нив, „Aкваманија“ (Aquamania), на тема одење на викенд на езеро, бил номиниран за Оскар за краток анимиран филм во 1961 година.

Освен овој, уште еден краток цртан филм со Шиљо бил номиниран за истата награда – оној од серијата за спортови посветен на американскиот фудбал.

Дел од овие цртани филмови беа редовно прикажувани на југословенските телевизии како дел од емисијата „Работилницата на Мики Маус“, обично во неделите во 19 часот.

Шиљо потоа се појавува како спореден лик во низа Дизниеви филмови и ТВ-серии, а како главен лик во два филма во деведесеттите, како модерен самохран татко со син Макс. Тие кај нас беа присутни само преку непреведени пиратски изданија: „A Goofy Movie“ (1995) и „An Extremely Goofy Movie“ (2000).

Од 1965 година во стриповите е воведен и ликот на Супер Шиљо, пародија на Супермен. Обичниот Шиљо се претвора во суперхерој со слични супер-моќи како супер-сила, летање и рентгенски вид преку јадење волшебни кикиритки. Наместо тесен суперхеројски костим со пелерина, тој лета во старомодни ѕиври и чаршав врзан околу вратот.

Насловна страница на „Микијев Забавник“ со Супер Шиљо

За Супер Шиљо, добивањето супер-способности е привремено, па предвремениот престанок на дејството на кикириките е дел од заплетот во многу од приказните, кои кај нас беа објавувани во неделникот „Микијев Забавник“ кој се печатеше во „Нова Македонија“ во Скопје, на српско-хрватски и словенечки јазик.

Во текот на осумдесеттите години „Детска Радост“ од Скопје го издаваше списанието „Дизниленд“ на македонски јазик. Во ова списание, наменето за помали деца, дел од ликовите добија нови имиња, при што Шиљо беше прекрстен во Клапчо. Новото име не беше широко прифатено, па за мнозинството македонски читатели ликот остана попрепознатлив како Шиљо.

Во текот на 2022 година, во земјите како Германија, кои може да се пофалат со локална и лиценцирана продукција на Дизниеви стрипови, деведесетгодишнината од „раѓањето“ на Шиљо се прославува со пригодни љубилејни изданија.

Мета