ДИЖС: Во тек е постапката за одобрување вработувања на нови инспектори

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) информира дека го доставиле Планот за вработување за 2021 година и очекува позитивен одговор, откако Владата донесе одлука Министерството за финансии со највисок приоритет да одобри вработувања на нови инспектори.

„Побарано е одобрување да се вработат 9 инспектори за животна средина, 2 водостопански инспектори и еден инспектор за заштита на природата, односно, би се вработиле вкупно 12 инспектори, со што би се покриле сите региони, вклучително и тие кои до сега немаа на располагање ниту еден инспектор“, велат од ДИЖС.

Од таму појаснуваат дека Планот за вработување треба да се одобри од Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Инаку, Мета веќе објави дека Инспекторатот многу долго време кубури со кадар и работи на границите на можностите со само 50 отсто од бројот на вработени кои навистина му требаат.

Еден цел регион во земјава, североисточниот, нема ниту еден инспектор, а општините и сите еколошки ризици кои ги демнат граѓаните кои живеат во овој регион ги покриваат инспектор од Пробиштип и инспектор од Скопје.

И покрај ваквата реалност, за овие работни места досега не се најде соодветна финансиска поткрепа во кроењето на буџетот за годинава, откако амандманот поднесен по предлог на граѓанската организација О2 Иницијатива беше отфрлен уште во комисиската расправа во Парламентот.