ДИЖС: „Пејпер Мил“ да вгради филтер, а инсталациите кај Железара да изготват елаборати

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска потенцираше дека во изминативе 23 денови се спроведени 124 надзори, од кои 28 вонредни. Издадени се вкупно 47 решенија за отстранување недостатоци, 2 прекршочни пријави, 2 забрани за горење отпад и еден записник за порамнување, односно предлози за 3 казни.

„Побарана е соработка и постапување од други институции, како Министерството за внатрешни работи, Министерството за животна средина и просторно планирање, инспекторати на Градот Скопје и други општини итн“, рече таа.

За „Пејпер Мил“ – Кочани, директорката нагласи дека на 20 ноември е направен првиот вонреден надзор, при што се утврдени емисии на прашина и јаглерод диоксид над дозволените вредности

„По инсталирање на опрема за озонирање и по повторно мерење, резултатите останаа исти, односно беа повторно над дозволените граници. Предложена е казна од 20.000 евра и е задолжена фабриката да врши мерења еднаш неделно. Фабриката во рок од 2 месеци ќе вгради филтер што ќе овозможи трајно решавање на проблемот со ПМ честичките“, потенцира Петровска.

Нагласи дека е направен координиран дводневен надзор во Железара и откриено дека повеќе инсталации работат без елаборат за заштита на животната средина, па биле задолжени да ги изготват

„Направен е и вонреден надзор во Макстил, со мерења за прашина, во текот на неделата се очекуваат резултати“, вели таа.

Во Тетово имало координиран надзор кој открил горење на иверка и остатоци од мебел, изречени се две забрани за горење на отпад

„ДИЖС утврди сериозни неправилности во Елаборатот за заштита на животната средина за третман на медицински отпад за Ремондис Медисон, поранешен Еко клуб од Битола и побара преиспитување на донесеното Решение за одобрување од страна на МЖСПП. ДИЖС изврши надзор над несоодветно постапување со медицински отпад во кругот на клинички центар во Скопје, наложи местото да се исчисти, го предаде материјалот на судска медицина и достави опомена до сите хируршки клиники“, потенцираше таа.

Инспекторатот евидентирал и нелегален премин преку река Сатеска. По пријава на граѓани за нелегално градење на насип преку реката за премин на камиони на Викторија инвест, компанија што работи на изведба на автопатот Кичево – Охрид, вели Петровска, доставено е барање до инженер за надзор да изврши контрола на движењето на камионите, насипот е веднаш срушен, а реката е вратена во своето корито.

Околу малите хидроцентрали, Петровска вели дека во МХЕЦ Белица беше утврдено дека поради низок водостој, турбините не работат, односно водата кај зафатот целата се испушта преку рибјата патека. Оттука, ДИЖС доставило барање за проток на водата низ турбините, да се утврди дали се испушта со закон утврдениот биолошки минимум.

„Во МХЕЦ Коселска река не беа констатирани прекршоци, но од аспект на заштита на животната средина, може да има негативно влијание на светското природно и културно наследство во охридскиот регион. Увидот во МХЕЦ Лешница откри дека каптажата за водоснабдување на градот Тетово е целосно незаштитена и дека присуството на градежна механизација може да ја загади водата за пиење во градот и околината, задолжени се да достават елаборат и одлука за воспоставување заштитни зони на изворите, доколку тие не бидат, инспектор ќе изрече законски утврдена казна“, посочи Петровска.

По увидот на терен на нелегалното насипување на крајбрежјето на Охридско Езеро во населба Далјан, дополни таа, воспоставена е соработка со МВР и се собира доказен материјал за сторителот, прекршочна и кривична пријава ќе се достават до надлежни органи најдоцна до крајот на месецов.

„Со зачувување на животна средина, го подобруваме и здравјето на граѓаните“, нагласи Петровска.