ДИЖС: Две лаборатории мереа загадување на оџакот во „Пејпер Мил“ во Кочани

Инспектори на Државниот инспекторат за животна средина вчера (30.12.2020 година) го извршија најавениот надзор во кочанската фабрика за хартија „Пејпер Мил“. Како што соопштија од Инспекторатот, при мерењето на емисии од оџакот, како што се очекувале, чадот кој се испуштал бил прозирен и со помал интензитет.

„Тоа се должеше на специјален режим на комбинирано согорување на метан и пелети во однос 60% метан и 40% пелети при производството на хартија. Две лаборатории, од 09:30 до 16:00 часот вршеа мерење на прашина и отпадни гасови, во присуство на инспектор. Откако заврши мерењето, во вечерните часови, инспектор се врати повторно на локацијата. Чадот беше со истиот слаб интензитет, проѕирен, односно непроменет во однос на периодот кога се вршеа мерењата“, велат од Инспекторатот.

Оттаму додаваат дека од резултатите на мерењата кои се очекуваат во текот на наредната недела ќе зависи дали ќе се нареди горење исклучиво на метан или ќе се применат други мерки. Доколку со овој режим на работа не се надминат граничните вредности за емисии,  тој ќе мора да се одржува до вградување на филтерот.

„Мерењата ќе продолжат и во наредниот период за да се обезбеди почитување на законските одредби и наредбите на Инспекторатот“, додаваат оттаму.

Фабриката „Пејпер Мил“ ги извади и жителите на Кочани на протест поради загадувањето од неа. Надминивање на емисиите кои ги испушта оваа фабрика беше констатирано и од Инспекторите.