Дизајн, уметност и технологија во круг – Resonate 2013 [1]

Ако некогаш мрзливите утра ви се чинеле пренатрупани со ситни случувања, треба да пробате 6-часовен пат Скопје-Белград и веднаш да влетате во организиран хаос и многу гужва, џунгли од кабли и добра музика. Домот на младината (Дом Омладине) е местото каде и оваа година се случува фестивалот за уметност, култура и технологија,Resonate.

Дизајн, уметност и технологија во круг – Resonate 2013 [1]

Без време за губење, организаторите во програмата ги вметнаа сите 16 работилници предвидени да се случат оваа година во првиот ден, почнати уште рано наутро. Паралелно, на различни теми, 16 групи на посетители заедно со презентерите работеа на своите проекти. Како да создадеш видео игра и нејзиниот главен лик, стоп-моушн видео или визуелни ефекти беа само дел од темите на овие работилници. Нивната бројност ги надмина капацитетите на салата „Американа“ , па така целиот простор беше „окупиран“ од  млади талентирани луѓе кои одлично ги комбинираат технологијата и уметноста.

Иако можеби 90 проценти од имињата на програмата нема да ви звучат познати, првиот ден го одбележаа вистински професионалци на полето на дигиталниот дизајн. На пет метри од местото каде се одржуваа работилниците, посетителите „се тепаа“ за место во Клуб салата. Со доцнење од еден час, мразот го скрши Jose Sanchez, архитект/програмер, директор на Plethora Project  и победник на Wonder Series на Олимписките игри во Лондон 2012. Неговата презентација се фокусираше на обработката на информации како можност за создавање на тридимензионални форми и архитектонски структури. Неговите визуелизации покажаа дека технологијата е развиена на ниво каде можете да создаде виртуелен свет во кој нема граници на форми, волумени и димензии, фокусирајќи се на тоа формата да ја следи функцијата.

Дизајн, уметност и технологија во круг – Resonate 2013 [1]

Нема математичка формула која ќе пресмета како да го задржиш вниманието на посетителите, но жената која користи алгоритми во своите дизајни, Julia Laub на едноставен начин ја раскажа приказната за својот генеративен дизајн и успеа да донесе возбуда во публиката. Дизајнот во кој формите и анимациите се одредуваат според претходно одредени алгоритми е нов пристап за тоа како да се донесат идеи на пазарот на поефективен и поефикасен начин. Нејзиниот говор покри спектар на области од класичниот дизајн до визуелизација на податоци на експериментален начин. Нивната експертиза доведе до иновативни решенија кои одат надвор од конвенционалните начини на вршење на креативна работа.

Дизајн, уметност и технологија во круг – Resonate 2013 [1]Ако мислите дека новите медиуми немаат моќ да направат промена во општеството треба да ја запознаете Josette Melchor, извршен директор и основач на Gray Area Foundation for the Arts (GAFFTA),  непрофитна организација од Сан Франциско посветена на градење на општествена свест преку дигиталната култура. Со своите акции каде создаваат нови технологии и производи со што би помогнале на заедницата на локално ниво, отвараат нова ера на онлајн активизмот, каде самите корисници на производот директно се подложни на позитивните ефекти од самата идеја. Пред публиката на Resonate фестивалот, Џозет го претстави терминот „urban prototyping“, серија на фестивали на кои уметноста, технологијата и дизајнот се алатките за граѓанство учество на членовите на една заедница.

Вечерта ја заокружи германскиот минимал електронски звук на Pantha Du Prince. Комбинацијата на мелодичните звуци и мрачните битови даде одличен крај на совршениот почеток на Resonate 2013.

Следете ги профилите на Радио МОФ на Твитер  и Инстаграм за фотографии и известувања од настанот.

Од Белград,  Петар Антевски

Resonate 2013 – SR from Resonate Festival on Vimeo.