Дизајн базар во Јавна соба на 9 и 10 јануари

Првата голема распродажба на стопроцентно македонски дизајнерски производи ќе се одржи на 9 и 10 јануари во дизајн-центарот Јавна соба.

На базарот ќе се продаваат мебел, облека, накит и  други производи од  млади македонски брендови по поволни цени, јавуваат организаторите.

„Младите дизајнери  одобруваат голем колективен попуст на своите редовни цени, со што се очекува  да го привлечат вниманието на домашните купувачи, особено оние кои се свесни за значењето на македонските производи и купувачите кои се презаситени од светските комерцијални брендови.  А и време е да почнеме да го цениме повеќе домашниот производ, бидејќи е за наше општо добро“, велат.

„Ова е голем подвиг за целиот македонски дизајн сектор. За прв пат во една организирана структура истапуваме на домашниот пазар, доделуваме огромни попусти, сé со цел го доближиме македонскиот асортиман до македонските купувачи. За прв пат се одобрува голем колективен попуст на целиот асортиман. Ова е одличен модел на здружување и знак дека активните дизајн брендови можат истиот рецепт да го применат и на странските пазари”, вели Тамара Георгиевска од компанијата  “We and Nature”.

Во склоп на Дизајн базарот се организирани и работилници за деца, музички настапи и други изненадувања за публиката.  Влезот е слободен.