Dixon, Maceo Plex и Tale Of Us на врвот на листата на диџеи на Resident Advisor за годинава

За првпат од постоењето на листата на 100 најдобри светски диџеи која ја изработува влијателниот портал Resident Advisor, еден диџеј е на врвот три години по ред – тоа е Германецот Steffen Berkhahn, попознат како Dixon, за кој од RA велат дека апсолутно ја заслужил оваа чест, поради „неверојатната посветеност и жар со која пристапува на оваа професија“.

На второто место годинава се пласира Maceo Plex, додека трето е дуото од Италија, Tale Of Us. Листата на десет најдобри диџеи на денешнината ја комплетираат: Ben Ufo, Jackmaster, Ricardo Villalobos, Seth Troxler, Ben Klock, Âme и Rødhåd. 

Листата на Resident Advisor, која се прави според гласовите на читателите на порталот, важи за прилично влијателна во андерграунд клупските кругови, затоа што на неа нема диџеи од ткн. EDM, кој се смета за комерцијална варијанта на електронската музика. Лани на врвот на оваа листа, покрај Dixon, беа Âme и Tale Of Us.