Дискусија за јавниот долг: „Трулиот столб на нашата куќа“

Должничката економија како алатка за колонизација, индивидуалниот долг по жител и по домаќинства, се темите на кои ќе се дискутира во среда во Социјалниот центар „Дуња“.

Дискусијата за јавните долгови ќе ја предводат Ајда Пистотник, истражувачка и проектна менаџерка на колективотEnaBanda од Љубљана и Кире Василев.

Пистотник ќе го сподели нејзиното истражувачко искуство и знаење за состојбата во Словенија со јавниот долг.

„Јавните долгови на богатите земји експлодираа во периодот од 2008 до 2012 година, по што следеа рецесија и мерки на штедење. Но, ниту земјите атипични за овој пример не поминаа добро, се чини дека должничката економија станува финансиска архитектура на општествата во кои живееме“, се вели во поканата за настанот.

Пистотник доаѓа од колектив чија работа опфаќа културни активности како филмска продукција од една страна, и истражувања за политики, од друга. Ајда е експерт во областите политички науки, развојни студии и човекови права. За време на финансиската криза, таа беше соработничка на билтенот TroikaWatch, европската иницијатива на активисти против зголемување на јавниот долг, мерките на штедење предложени од “Troika” институциите и нивното влијание врз политиките и општеството. Во моментов, Aјда е заинтересирана за должничката економија од перспектива на јавен долг, а исто така и од гледна точка на индивидуалното задолжување на домаќинствата.

Настанот ќе започне во 18 часот, а домаќин е здружението Плоштад Слобода.