Дискусија за феминизмот и дистопијата преку разработка на „Приказната за робинката“

Во четврток (09.02) од 19 до 21 часот, во ЛГБТИ Центарот за поддршка, се одржува дискусија за феминизам и дистопија. Во ова издание на читателскиот клуб на Центарот гостува професорката Калина Малеска (катедра за Англиски јазик и книжевност), која ќе зборува за еден од најпознатите романи на Маргарет Атвуд, „Приказната на робинката“ (“The Handmaid’s Tale”).

За книгата самата авторка вели дека е роман за она што би можело да се случи доколку опресивните политики усмерени кон жените „би биле доведени до својот логичен крај“. Атвуд тематизира една тоталитарна теократија, каде што сите придобивки на феминизмот се укинати. Како резултат на државен удар кој ја соборува владата на САД, се воспоставува Републиката Галад на чие чело стои христијанска фундаменталистичка војска. Жените се главната цел на режимот – нивните права и лични слободи се укинати, не им е дозволено да работат, да поседуваат имот или да остваруваат интимни врски кои не се дозволени од републиката.

Со оглед на тоа што неплодноста е еден од главните проблеми на тоа општество, жените се во најголема мера сведени на своите репродуктивни функции. („Ние сме садови“, вели нараторката, „само внатрешноста на нашите тела е важна.“). Нараторката е една од робинките, т.е. жени кои ги сметаат за плодни и чија единствена работа е да им овозможат потомство на основачите и водачите на Галад, Командантите и нивните Сопруги. Нејзината приказна се состои од умешното испреплетување на сеќавањата за нејзиниот живот пред Галадската република, како и за соголувањето на нејзиниот идентитет во нововоспоставениот режим и нејасната антиципација на иднината и надежта за повторно ослободување.

На настанот ќе се разговара за феминизмот во рамки на дистопискиот наратив, за жанрот дистопија и неговата релевантност која се однесува на актуелните општествени проблеми на глобално ниво и алатките со кои овој жанр се служи со цел да укаже на апсурдите и регресивните политики сѐ уште присутни во модерниот живот, како и потенцијалот што го поседуваме како припадници на една заедница истите и да ги промениме.

Разговорот ќе го води Грација Атанасовска.