Дискусија: Поглед на детските бракови во ромската заедница

„Детските бракови во ромската заедница“ е темата на дискусијата која ќе се одржи на 09 јули во хотел Кристал Палас во Прилеп во организација на Здружението РОМА С.О.С. Прилеп и Канцеларијата на УНИЦЕФ – Скопје.

Детските бракови се браковите кои се склучени пред стекнување полнолетство, кое во согласност со законите на Република Македонија, се стекнува со навршување на 18 години. Според Кривичниот законик, детските бракови се забранети, а живеењето во вонбрачна заедница со малолетно лице се смета за кривично дело.

Податоците кои се добиени со Мултииндикаторско кластерското истражување од 2011 година (MICS) покажуваат дека детските бракови се актуелен проблем во Р.Македонија и притоа постојат големи разлики кај различните етнички заедници во категоријата девојчиња на возраст од 15 до 19 години кои се во брак или живеат во заедница односно.  Националната стапка изнесува 4%, кај Македонсците е 2%, кај Албанците е 6%, а кај Ромите е 22%.

Истите податоци во најголем дел се потврдуваат и преку искуството на невладините организации кои работат во ромските средини во општините Прилеп и Битола, и значајно влијаат на образовниот, здравствениот и родовиот статус кај младите Роми, велат од РОМА С.О.С Прилеп.