[Дискусија] Не е фер децата со попреченост да не одат во училиште – Реформи и повеќе инвестиции за инклузивно образование

Подобрување на квалитетот на наставата и учењето е главен предуслов за инклузија на децата со попреченост во редовните училишта. Тоа подразбира промени и прилагодувања во содржината, наставните методи, организацијата и структурата на образовниот систем со цел да се обезбедат можности за учење за сите деца. Ова е заклучокот од тркалезната маса “Кон инклузивно образование – правци и реформи” што се одржа вчера во организација на Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, на која учествуваа учесници од државните институции, канцеларијата на правобранителот, академските институции, претставниците од организации на лица со попреченост и родители на деца со попреченост.

„Степенот на инклузивност на националниот образовен систем е еден од основните показатели за посветеноста и ангажманот на институциите на системот и воопшто за свеста и свесноста на сите чинители во воспитно – образовниот процес за обезбедување на еднакви права и можности за сите ученици, независно од нивните лични специфичности и посебноста на образовните потреби“, истакнал Арбер Адеми, министер за образование и наука.

„Децата со попреченост честопати се соочуваат со исклученост во текот на целиот живот.  Многу од нив се “невидливи” – не се вклучени во официјалните податоци, голема е веројатноста да не одат на училиште и да се чуваат дома надвор од очите на јавноста. Тоа не е фер”, изјавила Елспет Ериксон, заменик претставник на УНИЦЕФ.

„Квалитетното образование може да се постигне само кога секое дете, вклучувајќи ги и децата со попреченост одат на училиште и добиваат инклузивно квалитетно образование кое им обезбедува знаење кое е потребно за живот”, додала Ериксон.

Од УНИЦЕФ посочуваат дека учесниците дискутирале за потребата од проширување на мрежата на инклузивни училишта, целосно ангажирање на родителите и здруженијата на лица со попреченост  во текот на реформскиот процес; како и за потребата инклузивното образование да стане дел од сите предмети во образованието за наставниците и да се обезбеди континуиран професионален развој на наставниците.

На дискусијата било нагласено дека треба да се зголемат инвестициите за да се направат достапни училишните згради и да се изготват наставни материјали, да се ревидира законодавството за зајакнување на механизмите за спречување на дискриминација по основ на попреченост и да се усвои Меѓународната класификација за функционирање, попреченост и здравје како нов јазик за попреченоста. Учесниците, исто така, ја нагласија потребата да се дефинира улогата на дефектолозите и специјалните училишта  да се трансформираат во ресурсни центри со цел да се поддржат наставниците во редовните училишта.

УНИЦЕФ додава и дека го поддржува Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика во реформата на инклузивното образование, која вклучува изготвување на модули за обука и прирачници, прибирање на податоци, развој на капацитетите на образовните институции и обука на наставниците. Како резултат на тоа, посочуваат, основана е мрежа од 30 основни училишта кои ќе служат како пример на добра практика до други училишта.