[Дискусија] Младите побараа повеќе простор и можност да се слушне нивниот глас

Колку институциите ги отвараат вратите за младите? Колку младите имаат простор да се изразат? Кои се нивните најголеми предизвици? Има ли кој да ги сослуша? Ова беа дел од прашањата вчерашната дискусија „Незаинтересирани млади, несигурна иднина? Младинското учество како катализатор на eвропската иднина на Република Македонија” на која дискутираа млади луѓе заедно со претставници од владините институции, граѓанскиот сектор и меѓународната заедница .

На настанот организиран од Асоцијацијата за едукација Младиинфо Интернационал, присуствуваа повеќе од триесет млади луѓе кои дискутираа и предлагаа решенија за националните институции и невладиниот сектор. Младите активисти од организациите КРИК, Младите можат и Мултикултура и другите присутни млади истакнаа дека многу е важно да добиваат навремени и квалитетни информации кои ќе ги мотивираат да се вклучат во општествените процеси, да се стават во фокусот на работата на сите чинители,  да се даде простор да се чуе нивниот глас и да се прифатат нивните идеи, бидејќи младите најдобро знааат што им треба за подобар квалитет на живот.

„Формулата за успехот за тоа како да ги мотивираме и задржиме младите во процесите, е тоа да им понудиме знаења и вештини за самите тие да дојдат до заклучок дека можат да постигнат одредена промена“, беше една од многуте пораки на младите.

На дискусијата со младите и’ претходеа презентации од претставници на национално и европско ниво кои директно работат на тема млади, како и резултати од истражувања од граѓанскиот сектор токму на темата младинска вклученост.

Дека голем број млади се вклучени во политичкиот живот покажуваат истражувањата на Институтот за економски стратегии и меѓународни односи ОХРИД. Според Билјана Јанева, директорка на Институтот за економски стратегии и меѓународни односи ОХРИД, дури 170 000 млади луѓе се вклучени преку политичките подмладоци на партиите, учество што според неа не треба да се генерализира и смета за негативно, туку треба да се најде начин како да се искористи неговиот потенцијал.

Потенцијалот на младите беше и во фокусот на Ана Блажевска, програмски менаџер при Центарот за истражување и креирање политики – Скопје, која споделувајќи резултати од нивните истражувања, потенцираше дека повеќе од 87% од младите сметаат дека државата не го искористува нивниот потенцијал, што резултира со младите да се чувствуваат непродуктивно и да не чувствуваат припадност, а со тоа и да не преземаат активности за да ги променат нештата.

Ирена Иванова, програмски менаџер за граѓанско општество при делегацијата на Европската Унија во Скопје истакна дека токму младите ги поседуваат уникатните караткеристики како, свежи идеи, проактивност и храброст, кои треба да се искористат за позитивни промени и подобрување на нивната иднина.

„Младите се оние кои директно треба да алармираат за проблемите, да даваат свои предлози како да се надминат недостатоците и како заедниците да станат подобри“, истакна Иванова.

„Младите се повеќе исклучени, отколку вклучени во процесите на донесување одлуки, недостасуваат статистички податоци колку навистина тие имаат моќ да ги менуваат нештата околу себе, но од она што ние го следиме во рамките на Индексот за младинско учество, алармираме дека како држава со висока стапка на невработеност од речиси 40 отсто и со повеќе од 30 проценти млади кои не се ниту вработени, ниту во образование и обука, младите лесно можат да станат летаргични, незаинтересирани и маргинализирани, што создава нездраво и неинклузивно општество. Повеќе од кога било мора да дејствуваме заеднички, на сите нивоа во општеството.“, заклучи Марјан Ицоски, проектен координатор при Младиинфо Интернационал.

Ѓорѓи Тасев, Посебен советник за млади и спорт во Владата на Р. Македонија, изјави дека младите се високо на листата на приоритетите на Владата. Претстави дел од мерките и програмите преку кои Владата работи за подобро младинското учество, како што се гаранцијата за млади и програмата за практикантство.

Дискусијата е дел од проектот „Средиште на младински банки за Западен Балкан и Турција“, финансиран од страна на Европската Унија и спроведуван од страна на пет организации од регионот. Повеќе за проектот може да прочитате на ОВДЕ.