[Дискусија] Мед и крв во 21 век

Вечерва во 18:00 часот во ЛГБТИ Центарот за поддршка ќе се одржи дискусија на тема „Мед и крв во 21 век: балканските искуства со говор на омраза и дела од омраза, и слободата на говор“.

Виножито-мапите на ИЛГА-Европа укажуваат на застрашувачкиот тренд на Балканот, на нарушување на слободите и правата на ЛГБТ луѓето. Постоечките, но неефективни механизми на заштита и гаранција на правата и слободите, доведуваат до отсуство на институционално третирање на припадниците на ЛГБТ заедницата. Оттука, насилството како најизразена форма на хомофобијата и официјалното поттикнување на хомофобично насилство, во современи услови се‘ почесто се однесува на говорот на омраза и дела од омраза.

Континуираните напади на Поворките на гордост низ целиот Балкан, како и нападите на таргетирани места и лица укажуваат на потребата од сериозен придонес кон борбата против хомофобичното насилство, односно воспоставување на линија на казнивост низ која ќе се остварува правдата кон ЛГБТ заедницата како различна, но еднаква општествена група.

Користејќи ја приликата на официјална посета на Република Македонија, Јован Којичиќ ќе биде гостин и говорник на дискусијата. Којичиќ е советник на Првиот министер на Црна Гора за човекови права и заштита од дискриминација. Во оваа улога, Којичиќ ја поддржува и поттикнува Владата на Црна Гора во исполнувањето на критериумите за влез во Европската Унија, вклучувајќи го и воспоставувањето на анти-дискриминациска легислатива, односно политики за заштита на човековите права. Влијанието на Којичиќ е исклучително, имајќи го предвид неговиот ангажман поврзан со работата во областа на човековите права на ЛГБТ луѓето и состојбите на Балканот воопшто. На таа линија, тој ја организираше првата конференција од таков тип на Западен Балкан: ,,Правда на Балканот: Еднаквоста и сексуалните малцинства‘‘ во 2009 година.

Учество во дискустијата ќе имаат и претставници на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.