Дискусија „Како да се справиме со рудниците во југоистокот?“ во четврток во „Дуња“

Левичарското движење Солидарност најавува втора дискусија под наслов „Како да се справиме со рудниците во југоистокот?“, која ќе се одржи на 8-ми март во 19 часот во Социјалниот центар „Дуња“.

Како што велат организаторите, целта е да се продолжи дискусијата околу пружењето поддршка на движењата против рудниците во југоистокот, на средба на која ќе ги планираат идните конкретни чекори.

„Непостоечката реакција на Владата и надлежните државни органи и покрај неправилностите во работата и добивањето концесија за рудникот Казандол, одолговлекувањето на гласањето во Собрание на предложените измени на Законот за минерални суровини и непречната изградба на рударскиот комплекс Казандол, се само неколку од причините за отпорот кој го пружаат граѓаните на Македонскиот југоисток“, велат од Движењето.

На дискусијата се најавени претставници од југоисточниот регион кои дејствуваат активно на оваа проблематика.