Дискусија: Инвестирање во уметноста или можности за демаскирање

Акто фестивал организира јавна дискусија на тема „Инвестирање во уметноста/ културата или можности за демаскирање“, која ќе се одржи оваа сабота (17 јуни), во кино Култура, со почеток од 13 часот.

Гости на дискусијата се:

– Роберт Алаѓозовски, министер за култура на РМ
– Ивана Васева, кураторка
– Ивана Драгшиќ, социолог и уметничка
– Еди Мука, куратор од Тирана/ Стокхолм

Идејата на оваа дискусија е значењето на поимот „јавно“ и поимот „инвестиции“ и нивната употреба во последниве години, како и одговорноста на сите органи од јавен карактер за општата ситуација на сцената. Во рамките на оваа дискусија ќе бидат начнати прашањата за улогата на институциите и нивната отвореност за соработка со граѓанскиот сектор, но и за различните формати на настани – од изложби до биеналиња –кои би воделе кон своевиден развој на современата визуелна уметничка сцена. Дискусијата, ќе го потенцира и економскиот аспект и стабилноста на ова поле како и неговата злоупотреба како и злоупотребата на јавните средства наменети за ова поле во креирањето на фиктивни идентитетски политики во земјава.

Оваа дискусија е дел од дискурзивно – едукативната програма СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК, курирана од Ивана Васева, која се одвива во четри дводневни модули во периодот од мај до јули 2017 година а моментално се наоѓа на третиот модул насловен „Уметничкиот маркет и последиците од него: како да продолжиме да живееме на овој начин“. Во рамките на овој модул се одржуваат повеќе работилници и практични задачи од затворен карактер, наменет само за учесниците на програмата како и јавен настан.

Третиот модул од серијата од четри модули се однесува на економскиот контекст на уметноста и уметничкиот маркет со разните свои појавности: комерцијални галерии, уметнички саеми, биеналиња. Прашањето кое се поставува во овој контекст е зашто ги нема во земјава и дали треба воопшто да ги има.

Еди Мука е на позицијата куратор за привремени проекти во Public Art Agency во Шведска од март, 2014 год. Претходно, во периодот од 2009 – 2014 год., тој бил куратор во Roda Sten konsthall во Гетебург и заедно со Стина Едблом, ја делел позицијата на уметнички директор на Гетебург Интернационалното биенале за современа уметност 2013.
Мука е еден од основачите и директори на Тирана Интернационалното современо уметничко биенале како и директор и куратор на ТИКА – Тирана Институтот за соврмена уметност, независна платформа за истражување и продукција на современа уметност.
Во 2015 год., тој го кокурирал третото издание на Интернационалните уметнички средби на Меделин, Колумбија насловено „Локални приказни – Глобални практики“. Во 2007 год., тој го курирал четвртото издание на Гетебург Интернационалното биенале за современа уметност насловено „Реобмислување несогласување“, заедно со Јоа Лунгберг. Во 1999 год., Мука ја курирал групната изложба „Албанија денес – времето на ироничен оптимизам кој е првиот албански павиљон на Венециско биенале и во 2005 год., тој бил комесар на павиљонот. Неговата кураторска работа е од интернационални рамки и е базирана на блиска соработка со уметници.

Ивана Драгшиќ е социолог, активистка и културна менаџерка. Таа е активна во рамките на Плоштад Слобода, организација што се занимава со теми за јавниот простор, доброто владеење и промоција на заедничкото (commons), како нов модел на владеење. Драгшиќ е истрајна критичарка на проектот „Скопје 2014“, за кој смета дека е физичка манифестација на национализам, корупција и деградација на процесот на урбано планирање. Исто така, таа пушта музика на радиото Канал 103 и во клубови.

Роберт Алаѓозовски магистрирал на компаративна уметност на УКИМ во Скопје. Тој е автор е на четри книги и десетина студии за филологија, филм и културна политика. Алаѓозовски е поранешен претседател на мрежата Oracle на европски културни менаџери во Брисел и тренер на европско ниво за Marcel Hicter’s European Diploma за културен проект менаџмент. Тој е член на здружението на независни писатели на Македонија и на редакцијата на „Сарајевске свеске“ а е вклучен во многу проекти за децентрализација во културата, интеркултурализмот, регионална или меѓународна соработка. Алаѓозовски од неодамна ја врши функцијата министер на култура на РМ.

Ивана Васева курира, организира, менаџира и координира програми и активности поврзани со современата визуелна ументост но често и мултимедијални и интердисциплинарни проекти. Таа живее и работи во Скопје каде, заедно со уметникот Филип Јовановски, ја раководат организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/ Скопје и се куратори на АКТО Фестивалот за современи уметности. Во моментов таа ја курира и менаџира едукативно – дискурзивната прогарама „Совршен уметник “ во рамки на ДЕНЕС наградата за млад визуелен уметник како и долгорочниот проект за модернистичкото архитектонско наследство и мисла „Кога зградите би зборувале“ а учествува и во неколку истражувачки проекти и изложби во повеќе земји. Во интерес на нејзината кураторска работа и истражувања се различните формати на претставувања во современата визуелна уметност како и колаборативните практики кои би ја потенцирале потенцијалноста и политичката моќ на уметноста во различни контексти.