[Дискусија] Има пад на читаноста, но издавачите мора да ги почитуваат и ретките читатели

„Книжевните класици се дела за кои сите знаат сѐ, а никој ги нема прочитано“, со овој цитат на Мирослав Крлежа, беше отворена тркалезната маса на тема „Балканските класици во европската литература: (не)визибилност во 21 век“, на која учествуваа единаесет писатели и издавачи, гости на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“.

Под модераторство на Владимир Јанковски, учествуваа гостите на фестивалот: Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина, Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Афер Тунч од Турција и Јуриј Худолин од Словенија, македонските автори Ермис Лафазановски и Александар Прокопиев, како и членовите на „Скопје фелоушип програмата“:  Џон О’Брајан, основачот на „Далки архив прес“ од САД, Јаника Ритер, уредничка на „Зуркамп“ од Германија и Назлиџан Кабаташ од „Калем“ од Турција.

Зборувајќи за книжевните класици, Јанковски сподели анегдота со македонски писател, кој во една прилика му рекол:  „Никогаш не би сакал да станам дел од задолжителната лектира затоа што децата ќе имаат отпор кон мене да читаат“.

Џон О’Брајан, чија издавачка куќа има објавено класици на балканската книжевност говореше за пристапот во објавувањето на класик, или не премногу познат автор.

„Ние конкретно преведуваме автори кои никогаш претходно не биле преведени, без разлика дали е класик или нов автор. Ние користиме евтин маркетиншки трик, не објавуваме нова книга сѐ додека не се потроши претходниот тираж“, изјави О’Брајан.

„Но, морам друго да кажам. Во САД култура на читање речиси и да не постои. Ние имавме златно доба со Хемингвеј, со Фицџералд, и за споредба, можам да ви кажам дека во земја со 320 милиони жители, во 30-тите години на минатиот век имаше 50 илјади читатели. Во 50-тите години имаше 30.000 читатели. Нема разлика во пристапот, нема официјална формула во таа насока, важно е добро да ги почитуваш и добро да се однесуваш кон авторите и читателите, сите на ист начин, да ги најдеш најдобрите преведувачи и тие 30.000 читатели. Но мора да сте трпеливи“, додава тој.

„Сакаме млади имиња, кои ќе ѝ ги претставиме на публиката, со кои може да организираме промоции, дружења и кои во живо ќе разговараат со читателите“, изјави Јаника Ритер, од „Зуркамп“, кои имаат фокус на балканските книжевности, посочувајќи дека во нивната издавачка куќа 90% се посветени на нови автори и нови наслови.

Јанковски се надоврза дека за македонското издаваштво, е карактерсистично тоа што во последниве 10-15 години, соодносот на објавувањето на современа литература во превод наспороти класиците е 90 наспроти 10 проценти.

„Кризата на читателскиот вкус е очигледна, има голем пад и се случува во последните декади“, смета Прокопиев.

Веќе традиционално, фестивалот организира средба на гостите автори со своите читатели во книжарницата „Икона“ во Скопје сити мол, закажана за денеска, во 18.30 часот.