Дискусија и пункт пред Влада за помош на азилантите кои проаѓаат низ Македонија

„Да им помогнеме на азилантите во Македонија“ е темата на која денеска ќе се дискутира во антивладиниот камп поставен пред Владата. Воедно, од денеска се активира и пункт за собирање донации за помош на азилантите кои проаѓаат низ Македонија.

Дискусијата ќе започне во 19 часот и на неа свои обраќања ќе имаат граѓанскиот активист и член на НВО Легис Јасмин Реџепи и активистките Александра Давидовска и Блерта Дачи. Модератор на дискусијата е новинарот Адмир Фазлагиќ.

Во исто време, ќе се отвори пунктот кој ќе биде поставен кај централната бина, пред Влада. Според најавите, пунктот ќе биде отворен до крај на неделата, а ако е потребно и подолго.

„Замолуваме за донации кои се неопходни за помош на граѓаните кои проаѓаат низ Македонија:
– пилешки паштети
– кроасани
– енерџи барови/урми
– вода
– затворени обувки за пешачење
– чорапи
– фластери
– кенгури за бебиња
– пелени“, се вели во апелот.

Мигрантите кои транзитираат низ Македонија доаѓаат претежно од држави како Сирија, Пакистан, Сомалија, Авганистан. Тие со бродови стигнуваат до Грција, а оттаму низ Македонија и Србија се обидуваат да стигнат со Западна Европа. Македонија е една од црните точки на нивниот пат каде поради актуелните законите тие имаат илегален статус, најчесто се движат пеш по пругите и се кријат од полицијата.

Само во последниве две години, од воз беа прегазени триесетина мигранти. Во моментот во процедура е промена на законот со кој бегалците треба да добијат време од 72 часа по влегувањето во земјава, за да одлучат дали ќе бараат азил или ќе ја напуштат Македонија.