Дискусија и перформанс на тема „Сите пречки се мали ако луѓето се големи“ во ЕУ Инфо центар

Додека некои ја гледаат попреченоста како препрека, постојат луѓе кои ја гледаат како можност. Токму ова е причината поради која „Младите можат“ организираат дискусија и перформанс на тема „Сите пречки се мали ако луѓето се големи“, која ќе се одржи во понеделник (15 август), со почеток во 19 часот во ЕУ Инфо центар.

Целта на настанот е поголема социјална вклученост на лицата со сетилна попреченост како и споделување на нивните успешни приказни од страна на еден слеп и еден глув говорник.

„Учесниците на настанот ќе имаат можност да се инспирираат и мотивираат патувајќи низ приказните за успехот на оние навидум „мали“ луѓе. Преку музика, песна и убав збор целиме до општество без граници“, се вели во поканата на настанот.

За време на настанот, ќе има отворен штанд на кој граѓаните ќе можат да донираат за семејствата погодени од поплавите.

Иницијативата е дел од проектот „Младински лидерски иницијативи“ кој е поддржан од Цивика мобилитас и Швајцарски национален младински совет, а го спроведуваат Младите можат во партнерство со Симбиотика – Институт за индивидуален и организациски развој и SEED Швајцарија.

Настанот е реализиран во соработка со организацијата Детски Свет и Културно Уметнички Центар Битрикс.